ЌЕ ИМА ЛИ КРАЈ НА БОРБАТА СО ЗАГАДУВАЊЕТО Граѓани излегуваат на марш против „Усје“
Организаторите тврдат дека цементарницата бара продолжување на работата според стандарди што се применуваат од 2007 година, наместо усогласување со поновите европски еколошки правила.

Граѓанската иницијатива „Стоп за Усје“ за денеска (23 јуни) најави протестен марш во Скопје, насочен против барањата на цементарницата „ТИТАН Усје“ за продолжување на работењето според постојните гранични вредности за емисии на загадувачки материи.
Од иницијативата посочуваат дека компанијата бара да продолжи да работи според стандардите кои се применуваат од 2007 година, наместо да ги усогласи своите производствени процеси со поновите европски еколошки прописи и најдобрите достапни техники за намалување на загадувањето.
Протестниот марш ќе започне во 18:00 часот пред Собранието, а потоа учесниците ќе се упатат кон Министерството за животна средина и просторно планирање.
Организаторите велат дека целта на протестот е да се испрати јасна порака до надлежните институции за потребата од воведување построги еколошки стандарди, поголема заштита на здравјето на граѓаните и доследна примена на современите правила за заштита на животната средина.
Од „Стоп за Усје“ информираат дека настанот е отворен за јавноста и ги повикуваат сите граѓани кои ги поддржуваат нивните барања да се приклучат на маршот.


