Лидерот на Алијансата за Албанците (АА), Арбен Таравари, не ја отфрла можноста партијата повторно да стане дел од извршната власт, но вели дека тоа би можело да се случи само преку нов политички договор.
Во гостување во емисијата „Дебата не Шења“, Таравари беше прашан дали постои сценарио за враќање на Алијансата за Албанците во Владата. Тој оцени дека би било „понижувачки“ партијата да се врати под истите услови од кои заминала, но остави простор за разговор доколку се постигне нов договор.
Според него, евентуално враќање би било возможно само доколку има јасни гаранции за напредок кон европската интеграција и за спроведување на уставните измени.
„Само со нов договор во кој би имало барем гаранција за почеток на преговорите со ЕУ и уставни измени може да се разговара. Во спротивно, нема што да се разговара“, порача Таравари.