ВОЗАЧИ, ВНИМАТЕЛНО Во тек се градежни работи на повеќе клучни патни правци
Нема подолги задржувања на граничните премини, а сообраќајот на државните патишта се одвива по суви коловози.

Денеска (23 јуни) сообраќајот на државните патишта низ Македонија се одвива непречено по суви коловози, информираат од АМСМ.
Интензитетот на сообраќајот надвор од градските средини е умерен, а на граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Од АМСМ апелираат возачите да ја приспособат брзината на условите на патот, да ја почитуваат сообраќајната сигнализација и внимателно да управуваат со возилата, особено на делниците низ котлини, речни долини и клисури каде постои можност од појава на одрони. Како покритични се посочуваат патните правци Катланово–Велес, Маврово–Дебар–Струга, Виница–Берово и Кочани–Делчево.
Патниот правец Охрид–Ресен преку Националниот парк Галичица, од 15 април е отворен за сите видови возила до 3,5 тона.
Во меѓувреме, на повеќе патни делници низ државата се изведуваат градежни активности и санации. Времен режим на сообраќај е воведен на автопатот А2 на делницата Гостивар–Стража поради санација на неколку вијадукти, како и на мостовите на реката Вардар кај Желино.
Градежни работи се изведуваат и на автопатот А1 на делницата Смоквица–Гевгелија поради поставување интерконективен гасовод, додека на скопската обиколница на А2 се врши рехабилитација на коловозот меѓу клучките Волково и Кондово, каде сообраќајот се одвива по две ленти поради затворање на левата лента за претекнување.
Во сила останува и времената измена на режимот на сообраќај на регионалниот пат Косоврасти–Мелнички Мост поради санација на свлечиште, како и пренасочувањето на сообраќајот на патниот правец Прилеп–Битола, каде поради изградбата на Коридорот 10Д возилата се пренасочуваат по регионалниот пат од клучката Лагово до Тополчани.


