АЛБАНЦИТЕ НЕМА ДА МОЛЧАТ – ДУИ со остра порака по одлуката за улиците во Тетово
ДУИ бара одговори од градоначалникот Билал Касами и Владата по одлуката со која се враќаат имиња од југословенскиот период на улици, плоштади и мостови во Тетово.

Опозициската Демократска унија за интеграција (ДУИ) реагира на одлуката со која се враќаат имиња од југословенскиот период на улици, плоштади и мостови во Тетово, оценувајќи дека станува збор за чекор кој, според нив, го загрозува идентитетот на градот.
Од ДУИ велат дека оправдувањата за одлуката не можат да го прикријат, како што наведуваат, отсуството на јасен став од страна на ВЛЕН и нејзините претставници.
„Носталгијата кон Јосип Броз Тито и поранешниот систем може да биде лично убедување, но не треба да се претвора во официјални симболи на градот“, наведуваат од партијата.
Тие додаваат дека Тетово има сопствена историја и личности кои треба да бидат дел од јавниот простор. ДУИ посочува дека имиња поврзани со албанската историја, како Илирида, Дервиш Цара и Конгресот на Манастирот, не треба да бидат заменети со симболи од минатото. Партијата упати прашања до градоначалникот на Тетово, Билал Касами, барајќи одговори дали Општината била контактирана во постапката пред Уставниот суд, каков став доставила и дали имало комуникација со институциите во врска со спорните имиња.
ДУИ прашува и каква била улогата на претставниците на ВЛЕН во Владата и каков став зазела Владата во постапката пред Уставниот суд.
Во реакцијата се повикуваат и на изјави од уставниот судија Осман Кадриу, според кого Општина Тетово не ја бранела својата одлука од 2007 година, а Владата не доставила конкретен одговор во постапката. Од ДУИ оценуваат дека, доколку овие наводи се точни, станува збор за институционален пропуст на повеќе нивоа и од локалната самоуправа, преку Владата, па сè до начинот на кој било донесено решението.
„Граѓаните заслужуваат јасни одговори зошто Општина Тетово не ја бранеше својата одлука и зошто Владата молчеше по прашање од големо значење за меѓуетничките односи“, велат од ДУИ.
Од партијата додаваат дека довербата во институциите може да биде зачувана само преку транспарентност и објаснување на сите чекори што довеле до одлуката.


