МИЦКОСКИ УДРИ ПО МАРКЕТИТЕ Казните ќе бидат 10 пати поголеми

Премиерот најави десеткратно зголемување на казните, засилени инспекции и нов состанок со маркетите и дистрибутерите поради сомнежи за скриени трошоци и манипулации на пазарот.

МИЦКОСКИ УДРИ ПО МАРКЕТИТЕ Казните ќе бидат 10 пати поголеми
Фото: Принтскрин

Премиерот Христијан Мицкоски најави значително зголемување на казните за маркетите кои применуваат нефер трговски практики, како и нова средба со претставниците на трговските синџири и дистрибутерите на почетокот на следната недела.

Одговарајќи на новинарски прашања, тој ги повика компаниите, добавувачите, производителите и дистрибутерите да пријавуваат евентуални злоупотреби и манипулации на пазарот, со цел институциите поефикасно да реагираат.

„На почетокот на кризата одржавме состанок со засегнатите страни, а во понеделник е закажана нова средба. Ќе испратиме јасна порака за начинот на кој треба да се однесуваат учесниците на пазарот. Во меѓувреме, законските измени се во завршна фаза и предвидуваат десеткратно повисоки казни за маркетите што ќе постапуваат спротивно на правилата за фер трговија. Дополнително ќе бидат засилени инспекциските контроли на терен“, изјави Мицкоски.

Премиерот посочи дека дел од трговците користат посреднички компании преку кои се фактурираат дополнителни трошоци, што според него претставува форма на заобиколување на правилата.

„Преку различни услуги и трети фирми се наплатуваат таканаречени ројалити-надоместоци, што не е фер трговско однесување. При увид во сметководствената документација сè може да изгледа законски, но преку посредни канали се наплаќаат дополнителни средства, на пример за позиционирање на производите на полиците. Затоа се потребни и конкретни пријави од компаниите“, рече тој.

Според најавите, по состанокот во понеделник ќе следуваат и засилени инспекциски проверки со цел откривање и санкционирање на евентуални злоупотреби.

Осврнувајќи се на економските показатели, Мицкоски оцени дека инфлацијата во Македонија останува меѓу пониските во регионот и моментално се движи меѓу 4,5 и 4,7 проценти. Тој посочи дека во некои соседни и европски земји стапките се повисоки, додека европскиот просек се движи меѓу три и четири проценти, изразувајќи очекување дека ценовната стабилност дополнително ќе се подобрува во наредниот период.

КРАЈ ЗА МАНИПУЛАЦИИ Казни до 200.000 евра за нефер трговски практики

CATEGORIES
Share This