СИТЕ СО ПО ЕДЕН БОД, СИТЕ ПОД ПРИТИСОК Лудница во Г и Х групата на СП 2026

Една победа може да донесе огромен чекор напред, а нов пораз да значи опасност од рана елиминација.

СИТЕ СО ПО ЕДЕН БОД, СИТЕ ПОД ПРИТИСОК Лудница во Г и Х групата на СП 2026
Фото: Принтскрин

Единаесеттиот ден од Светското првенство 2026 носи четири натпревари од групите Г и Х, каде што започнуваат клучните пресметки за пласман во нокаут-фазата. Репрезентациите кои во првото коло не ги остварија посакуваните резултати ќе бараат поправен испит, а секој освоен бод може да биде пресуден.

Програмата ќе ја отвори Шпанија, која од 18:00 часот во Атланта ќе се соочи со Саудиска Арабија во рамки на Групата Х. Европскиот шампион влегува како голем фаворит, но по ремито без голови против Зелен ’Рт, „црвената фурија“ нема простор за нов кикс. Победа против Саудијците би можела да значи и чекор кон обезбедување место во следната фаза.

Саудиска Арабија, сепак, покажа дека не е противник за потценување. По нерешениот резултат против Уругвај, арапската селекција влегува мотивирано и со желба да направи ново изненадување.

Во 21:00 часот следува дуелот од Групата Г меѓу Белгија и Иран. Белгијците имаат обврска да победат откако во првото коло одиграа 1:1 против Египет, натпревар во кој нивниот противник долго време имаше предност. Иран, пак, привлекува големо внимание поради актуелните политички случувања, но на теренот ќе се обиде да покаже дека може да му се спротивстави и на еден од фаворитите.

На полноќ на терен излегуваат Уругвај и Зелен ’Рт. И двете селекции имаат по еден бод, а притисокот е особено голем кај Уругвајците, кои се очекуваше да имаат подобар старт. Зелен ’Рт беше едно од најпријатните изненадувања во првото коло, но сега ќе има тешка задача против искусниот јужноамерикански тим.

Последниот меч од програмата ќе се игра во 03:00 часот, кога Нов Зеланд ќе се соочи со Египет. Двете репрезентации имаат по еден освоен бод и победата би можела да биде клучна во борбата за продолжување понатаму. Египќаните ја имаат фаворитската улога, но Нов Зеланд веќе покажа дека може да биде незгоден противник.

Во двете групи ситуацијата е целосно отворена и сите осум селекции имаат по еден бод по првото коло, па секој натпревар од денешната програма носи огромно значење.

CATEGORIES
Share This