САКИПОВ: ДПР СО НОВА ЕНЕРГИЈА ТРГНУВА НА ТЕРЕН Гласот на Ромите мора да се слушне

Ниту еден глас не смее да биде занемарен, Сакипов најавува силна мобилизација на ромската заедница.

САКИПОВ: ДПР СО НОВА ЕНЕРГИЈА ТРГНУВА НА ТЕРЕН Гласот на Ромите мора да се слушне
Фото: Принтскрин

Демократската партија на Ромите (ДПР), во услови кога во јавноста сè почесто се отвора прашањето за можноста од одржување предвремени парламентарни избори, најавува засилени партиски активности, широка мобилизација на терен и интензивна комуникација со граѓаните низ целата држава.

Претседателот на ДПР, Миљазим Сакипов, информира дека во наредниот период партијата ќе биде фокусирана на директни средби со граѓаните, особено со ромските заедници, со цел да се слушнат нивните потреби, предизвици и предлози за подобрување на нивниот живот.

„Гласот на Ромите мора да се слушне. Нашата заложба е секој граѓанин да има вистински претставник, а прашањата и потребите на ромската заедница да бидат соодветно застапени во политичките процеси и институциите“, изјави Сакипов.

Како водечка ромска политичка партија во Република Македонија, ДПР продолжува со јакнење на својата организациска структура. Во следниот период се планира формирање и проширување на општинските организации во сите населени места каде што живее ромско население, со цел создавање поефикасна и поблиска партиска мрежа до граѓаните.

За реализација на овие активности, претседателот Сакипов, согласно Статутот на партијата, ќе закаже седници на партиските органи на кои ќе се разгледува и усвојува Стратегијата за политичко делување во претстојниот период.

На седниците ќе бидат разгледани и прашања поврзани со идните политички активности, како и можностите за соработка и коалицирање со други политички субјекти, со цел остварување на заеднички интереси и поголема застапеност на граѓаните.

Демократската партија на Ромите останува посветена на својата мисија и застапување на интересите на ромската заедница, создавање подобри услови за сите граѓани и активно учество во политичките процеси во Република Македонија – се вели во изјавата на претседателот Сакипов.

CATEGORIES
Share This