СУВИ ПАТИШТА, НО НОВИ ПРОБЛЕМИ ЗА ВОЗАЧИТЕ Каде се создаваат најголемите гужви
На Богородица и Дојран се чека околу 30 минути за влез во државата, додека на повеќе патни делници низ земјата се одвиваат градежни работи и важи времен режим на сообраќај.

Денеска (21 јуни) сообраќајот на сите државни патишта во Македонија се одвива непречено по суви коловози, информираат од АМСМ.
Интензитетот на сообраќајот надвор од градските средини е умерен, но на граничните премини Богородица и Дојран е забележана зголемена фреквенција на возила за влез во државата. Времето на чекање на овие премини изнесува околу 30 минути. На останатите гранични премини нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Од АМСМ апелираат возачите да ја прилагодат брзината на условите на патот, да ја почитуваат сообраќајната сигнализација и внимателно да управуваат со возилата, особено на делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево, каде постои можност од појава на одрони.
Патниот правец Охрид – Ресен преку Националниот парк Галичица е отворен за сообраќај за сите возила до 3,5 тона.
Во меѓувреме, на повеќе патни делници низ државата се изведуваат градежни работи и санации на мостови, свлечишта и коловози. Времен режим на сообраќај е воведен на делниците Гостивар – Стража, кај мостовите на реката Вардар во близина на Желино, на автопатот Смоквица – Гевгелија, на скопската обиколница меѓу клучките Волково и Кондово, како и на регионалниот пат Косоврасти – Мелнички Мост.
Поради изградбата на Коридорот 10Д, во тек е и пренасочување на сообраќајот на дел од патниот правец Прилеп – Битола, од клучката Лагово до Тополчани.


