ЕРАТА ЗАВРШУВА Фолксваген“ укинува 50.000 работни места
Извршниот директор Оливер Блуме призна дека стариот бизнис модел повеќе не функционира и најави голема трансформација на компанијата.

Германскиот автомобилски концерн Volkswagen Group се подготвува за големо преструктуирање, со план за намалување на околу 50.000 работни места до 2030 година. Ова го потврди извршниот директор Оливер Блуме на годишното собрание на акционери.
Блуме предупреди дека состојбата во компанијата е „напната и тешка“, додавајќи дека условите во автомобилската индустрија дополнително се влошиле. Според него, досегашниот бизнис модел кој со децении бил успешен повеќе не одговара на новите услови и мора да биде променет.
Новата стратегија на компанијата до 2030 година предвидува Volkswagen повторно да стане еден од најконкурентните производители во светот, со цел зголемување на профитабилноста и поврат на продажбата од 8 до 10 проценти.
Најголем дел од кратењата ќе го погоди централниот бренд Volkswagen, каде до крајот на деценијата се планира намалување на околу 35.000 работни места. До крајот на 2026 година работната сила треба да биде намалена за околу 19.000 лица, а компанијата веќе договорила приближно 28.000 доброволни заминувања.
Покрај намалувањето на бројот на вработени, Volkswagen планира и намалување на производниот капацитет. Европските фабрики треба да произведуваат околу 500.000 возила помалку до 2030 година, покрај веќе најавеното намалување од еден милион возила до 2028 година. Слични мерки се планираат и во Кина.
Блуме изјави дека мерките за заштеда веќе даваат резултати, но нивниот ефект е ограничен поради новите трошоци поврзани со царини, трговски ограничувања и геополитички ризици.
И покрај претставувањето на нови модели, меѓу кои и електричниот ID. Polo, директорот призна дека компанијата сè уште не заработува доволно од новите возила.
Годишното собрание на акционери повторно се одржа онлајн, без физичко присуство во седиштето на компанијата во Волфсбург. Управниот и надзорниот одбор се приклучија од Минхен, а последен пат Блуме лично ги прими акционерите во 2023 година.


