ИРАН ПОДНЕСЕ ЖАЛБА ДО ФИФА Тврди дека е ставен во нерамноправна позиција
Репрезентацијата мора да пристигнува само ден пред натпреварите и да заминува веднаш по нив, што предизвика жестока реакција.

Фудбалската федерација на Иран (FFIRI) официјално ќе поднесе жалба до ФИФА поради ограничувањата за движење со кои се соочува нивната репрезентација за време на Светското првенство во САД.
Од федерацијата велат дека правилата, според кои иранската селекција може да влезе во САД само еден ден пред натпреварот и мора да ја напушти земјата истиот ден по мечот, создаваат нееднакви услови во однос на останатите учесници.
По ремито 2:2 против Нов Зеланд во Лос Анџелес, селекторот Амир Галеноеи изјави дека неговиот тим е „можеби најопасниот“ на турнирот. Во исто време, FFIRI предупреди дека ограничувањата можат негативно да влијаат врз физичката и тактичката подготовка на играчите.
„Овие мерки не се во согласност со принципот на еднакви услови за сите репрезентации. Баравме пристигнување 48 часа пред натпреварите и враќање во базниот камп по завршувањето на мечевите, со цел оптимална подготовка“, соопшти иранската федерација.
Иран тврди дека нивните барања двапати биле одбиени, вклучително и пред натпреварот со Белгија во Лос Анџелес. Според нив, дополнителното време во градовите домаќини би им овозможило на фудбалерите полесно да се адаптираат и да ги завршат подготовките.
Поради одбиените барања, репрезентацијата својот базен камп го смести во Тихуана, Мексико. Американските власти наведуваат дека ограничувањата се дел од безбедносните процедури и дека условите биле однапред прифатени.
„Иранската репрезентација се согласи со овие услови“, изјави портпаролот на американското Министерство за внатрешна безбедност за Би-Би-Си.
Извршниот директор на Работната група на Белата куќа за ФИФА, Ендру Џулијани, дополнително објасни дека тимовите ќе можат да пристигнат еден ден пред натпреварите и да заминат истиот ден по нивното завршување.
Случајот привлече внимание и кај претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, кој ја посети соблекувалната на Иран по дуелот со Нов Зеланд, додека расте притисокот врз светската фудбалска организација да реагира.
Иран до крајот на групната фаза го очекуваат уште два натпревари во САД – против Белгија во Лос Анџелес и против Египет во Сиетл. Од федерацијата стравуваат дека актуелните правила за патување може да им дадат конкурентска предност на нивните противници.


