ПАДНА ПЛАНОТ ЗА БЛОКАДА Еве зошто протестот на границата е откажан

По разговори со бугарските институции и дипломатски претставници, организаторите ја повлекоа најавата за блокада на Деве Баир, Делчево и Ново Село.

ПАДНА ПЛАНОТ ЗА БЛОКАДА Еве зошто протестот на границата е откажан
Фото: Принтскрин

Најавениот протест со двочасовна блокада на трите гранични премини меѓу Македонија и Бугарија е откажан. Организаторите ја повлекоа одлуката по разговори со бугарски институции и дипломатски претставници, со цел да се избегнат дополнителни тензии и застои во сообраќајот.

Блокадата беше најавена за 21 јуни на премините Деве Баир, Делчево и Ново Село. Претседателот на фондацијата „Македонија“, Виктор Стојанов, соопшти дека одлуката за откажување била донесена по консултации со Министерството за надворешни работи на Бугарија и бугарскиот амбасадор во Скопје, Жељазко Радуков.

Шефицата на бугарската дипломатија, Велислава Петрова-Чамова, претходно оцени дека блокадата би била „контрапродуктивна“, бидејќи би можела да предизвика дополнителни тензии и да бара значителен ангажман на полициски и административни ресурси.

Стојанов изјави дека и покрај, како што ја нарече, „граѓанската енергија“ и незадоволството во бугарското општество, потребно е тие чувства да се насочат кон други форми на дејствување.

И бугарскиот амбасадор во Скопје, Жељазко Радуков, го поддржа правото на мирен протест, но повика да не се блокираат граничните премини. Тој порача дека интересот на Бугарија е да се одржуваат контакти и отвореност кон граѓаните од Македонија, како начин за надминување на поделбите и тензиите.

Најавата за протестот следеше по инцидентот во кој беа запалени два автомобили на бугарската амбасада во Скопје.

Според последните информации, на 21 јуни сообраќајот меѓу двете земји ќе се одвива непречено, а превозниците и граѓаните се повикуваат да ги следат официјалните известувања од надлежните институции.

CATEGORIES
Share This