ЕНЕРГЕТСКИ ПРЕСВРТ ВО МАКЕДОНИЈА Ова се проектите што треба да ја сменат иднината
Од нов Закон за енергетика до гасна интерконекција со Грција, министерството ги претстави резултатите од едногодишната работа

Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини во изминатата година реализирало широка реформска и инвестициска програма насочена кон зајакнување на енергетската безбедност, развој на инфраструктурата и забрзување на зелената транзиција.
Во периодот од јуни 2025 до јуни 2026 година, институцијата спровела повеќе од 700 домашни и меѓународни активности, меѓу кои се издвојуваат донесувањето на новиот Закон за енергетика, усвојувањето на Интегрираниот национален план за енергија и клима, како и започнувањето на изградбата на гасната интерконекција со Грција.
Како значаен чекор за енергетската поврзаност, Министерството го посочи повторното ставање во функција на продуктоводот Солун-Скопје по 13 години, како и приклучувањето на земјава кон регионалниот проект „Вертикален коридор“.
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска оцени дека изминатата година била период на конкретни резултати и поставување основи за посигурен и современ енергетски систем.
Според неа, со новиот Закон за енергетика е зголемена сигурноста во снабдувањето со енергија, при што таа посочи дека индикаторот за енергетска сигурност се зголемил од 21 на 41 отсто. Законот, како што наведува Министерството, добил позитивни оценки од европските институции.
Во финансискиот сегмент, преку преземени правни активности бил намален ризикот за државниот буџет за околу 380 милиони денари, додека рударскиот сектор бил ставен под поголем дигитален надзор, што придонело за зголемување на приходите од концесии.
Министерството информира и дека се преземени активности за заштита на македонскиот рубин како национално минерално наследство, како и низа мерки директно насочени кон граѓаните. Во рамки на програмите биле доделени 4.070 ваучери за инвертер-клими и обезбедена финансиска помош од 148,8 милиони денари за ранливи потрошувачи.
Дополнително, обезбедени се 50 милиони евра за проекти за енергетска ефикасност, а започнат е и проект вреден 11 милиони евра за реконструкција на јавни објекти низ државата.
Од Министерството велат дека целта на реформите останува создавање стабилен и модерен енергетски систем, намалување на зависноста од увоз и подобрување на животниот стандард на граѓаните.


