ЗЕЛЕНСКИ АЛАРМИРА Путин е во тешка позиција, а следниот чекор може да биде опасен
Новите изјави на Зеленски ја зголемуваат загриженоста дека војната би можела повторно да ескалира.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски упати сериозно предупредување до граѓаните на Украина, оценувајќи дека Русија би можела да ги засили ракетните и дрон-нападите врз земјата.
Според Зеленски, рускиот претседател Владимир Путин е во ослабена позиција и политички, военo и лично, а токму тоа, како што тврди тој, може да го натера Кремљ да преземе поагресивни чекори.
„Путин станува слаб. Тој е политички слаб, слаб на бојното поле и физички. Затоа може да ги зголеми нападите врз нас, врз нашиот народ, со ракети и беспилотни летала. Ве молам користете засолништа“, порача Зеленски.
Украинскиот лидер ги информираше новинарите за резултатите од состанокот на Контакт-групата за одбрана на Украина, позната како „Рамштајн формат“. Тој посочи дека Киев добил поддршка од девет земји за програмата PURL, иницијатива поддржана од САД и НАТО преку која европските сојузници набавуваат американско оружје за Украина во вредност поголема од една милијарда долари.
Зеленски изјави дека украинските партнери веруваат оти Путин нема вистинска намера за прекин на војната и дека неговите изјави за мир се обид да се прикрие вистинската политика на Москва.
„Путин сака сè овде да изгори. Тој е неодговорен, а партнерите можат да го почувствуваат тоа. Украина е подготвена за преговори, но за вистински мир“, рече тој.
Тој побара од Европа целосно да се вклучи во притисокот врз Русија и преку санкции, можната конфискација на руски средства и дополнително финансирање на Украина.
Предупредувањето на Зеленски доаѓа по нападот со украински беспилотни летала врз Москва, при што, според руските извештаи, била погодена рафинерија за нафта во областа Капотња и избувнал голем пожар. Русија го оцени нападот како еден од најголемите врз главниот град во последните години.
Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров по нападот порача дека руската армија ќе продолжи со удари врз цели за кои Москва тврди дека се поврзани со воениот капацитет на Украина.


