ПОЧИНА ЉУПЧО ГРНЧИШТАНОВ Еден од обвинетите за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани
Јавното обвинителство потврди дека на Љупчо Грнчиштанов му се слошило во домашни услови, а ќе биде издадена наредба за обдукција.

Љупчо Грнчиштанов, еден од 35-те обвинети во случајот за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, ненадејно почина, потврди Јавното обвинителство.
Според информациите од Обвинителството, на Грнчиштанов му се слошило во неговиот дом, по што настапила смрт. Основното јавно обвинителство Скопје ќе издаде наредба за обдукција за да се утврдат причините за смртта.
„Јавното обвинителство е известено. Обвинетиот починал откако му се слошило во домашни услови“, информираа од институцијата.
Грнчиштанов беше обвинет за тешки дела против општата сигурност, заедно со останатите лица опфатени во истрагата за трагичниот пожар.
Тој од 15 јануари 2013 година до 16 март 2025 година ја извршувал функцијата генерален инспектор, односно раководител на Инспекциската служба при Дирекцијата за заштита и спасување.
Според досега објавените информации, Грнчиштанов поминал 77 дена во ефективен притвор, а потоа речиси 14 месеци бил под мерка куќен притвор.
Обвинението за случајот беше поднесено во периодот кога со Јавното обвинителство раководеше поранешниот државен јавен обвинител Љупчо Коцевски, кој во меѓувреме ја напушти функцијата. Предметот го застапуваат обвинителите Борче Јанев, Дарко Јакимовски и уште 13 јавни обвинители.
Трагедијата во Кочани останува во центарот на вниманието на јавноста, а во текот на постапката се отвораат прашања за правните квалификации и одговорноста на обвинетите. Семејствата на жртвите бараат процесот да заврши ефикасно и во разумен рок, со цел да се утврди целосната одговорност за несреќата.
Ова е втор случај на смрт на лице поврзано со постапката. Во октомври минатата година во притвор почина Владо Петров, пензиониран полициски службеник, кој беше осомничен дека како поранешен главен инспектор за сообраќајни работи потпишал документ поврзан со паркинг просторот пред дискотеката.
Во катастрофалниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани, кој се случи на 16 март 2025 година, животот го загубија 63 лица, а 222 беа повредени.


