РАДЕВ УДРИ ПО МИЦКОСКИ Проблемот не е со Бугарија, туку со ЕУ
Изјавата доаѓа во период на засилени дипломатски тензии и нови несогласувања меѓу двете земји.

Бугарскиот претседател Румен Радев упати остри критики кон политичкото раководство на Република Северна Македонија, оценувајќи дека со своите постапки го одложува европскиот пат на државата, пренесува бугарското национално радио БНР.
Осврнувајќи се на неодамнешното палење на два дипломатски автомобили пред бугарската амбасада во Скопје, Радев изјави дека не гледа простор за средба со македонскиот премиер Христијан Мицкоски, бидејќи, според него, станува збор за прашање кое не е билатерален спор меѓу двете земји, туку проблем во односите на Северна Македонија со Европската Унија.
„Мицкоски има проблем со ЕУ“, порача Радев.
Тој додада дека институциите во земјата не преземаат доволно мерки за санкционирање на ваквите инциденти. Според него, сторителите не само што не се казнуваат, туку во одредени случаи се охрабруваат и политички се користат во изборни кампањи.
Бугарскиот претседател нагласи дека без јасна примена на принципите на владеење на правото и без конкретна одговорност за ваквите дејствија, нема основа за понатамошни разговори на оваа тема.
Радев истакна дека Северна Македонија треба да покаже дека ги почитува човековите права и дека е способна да ја гарантира безбедноста на сите дипломатски претставништва на својата територија, доколку сака да напредува во процесот на европска интеграција.


