ИСТРАГА ШТО ГО ТРЕСЕ ФУДБАЛОТ Поранешниот претседател на ФФМ приведен со уште 15 лица

Финансиската полиција спроведува акција во која се опфатени повеќе физички и правни лица, а детали се очекуваат од надлежните институции.

ИСТРАГА ШТО ГО ТРЕСЕ ФУДБАЛОТ Поранешниот претседател на ФФМ приведен со уште 15 лица
Фото: Принтскрин

Поранешниот претседател на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), Илчо Ѓорѓиоски, е приведен во рамки на истрага што ја спроведува Финансиската полиција, а во која се опфатени уште 15 физички лица и три компании.

Според неофицијалните информации, акцијата е насочена кон лица и правни субјекти за кои постојат сомневања за финансиски злоупотреби. Од извори блиски до истрагата се дознава дека меѓу приведените има и лице кое во периодот на мандатот на Ѓорѓиоски имало одредени овластувања во ФФМ.

Се истражуваат наводни финансиски малверзации поврзани со работењето на федерацијата, при што дополнително се проверуваат сите околности и евентуалната штета.

Повеќе детали за случајот се очекуваат од Министерството за внатрешни работи и Јавното обвинителство.

Ѓорѓиоски беше на чело на ФФМ во периодот од 2012 до 2018 година. Ова е втор случај во краток период во кој поранешен претседател на македонската фудбалска федерација се соочува со истрага. Пред два месеци беше приведен и поранешниот претседател Муамед Сејдини, кој беше обвинет за злоупотреба на средства од донација на УЕФА наменета за изградба на трибина на стадион во Охрид.

Истрагата продолжува, а надлежните институции треба да ги утврдат сите факти и евентуалната одговорност на инволвираните лица.

Да потсетиме, и во 2019 година Финансиската полиција поднесе кривична пријава против поранешниот претседател на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), Илчо Ѓорѓиоски, поради сомнежи за даночно затајување и фалсификување или уништување на деловни книги.

Според тогашните информаци од Финансиската полиција, Ѓорѓиоски, во периодот додека ја извршувал функцијата претседател на ФФМ, наводно прикажал неточни податоци во завршната сметка на Федерацијата за 2017 година.

Како што беше тогаш наведено, во сметководствените записи не бил извршен отпис на ненаплатени побарувања од ликвидираниот „АД Тобако Скопје“ и од „АД Југохром Јегуновце“, во вкупна вредност од околу 273.000 евра, односно 16,8 милиони денари.

Од Финансиската полиција велеа дека со тоа биле доставени невистинити податоци до Управата за јавни приходи и Централниот регистар, со што, според пријавата, ФФМ се стекнала со противправна имотна корист.

Кривична пријава беше поднесена и против самата Фудбалска федерација на Македонија, која, според наводите, преку постапките на тогашниот претседател незаконски се стекнала со околу 27.330 евра.

CATEGORIES
TAGS
Share This