ПЕТ ЗЕМЈИ, ЕДНА ЕВРОПСКА ЦЕЛ Парламентот ги усвои извештаите за Западен Балкан без Србија
Извештајот за земјава доби убедлива поддршка, а известувачот Томас Вајц порача дека Северна Македонија треба да биде следна на листата по Црна Гора и Албанија.

Европскиот парламент ги усвои годишните извештаи за пет земји од Западен Балкан Северна Македонија, Црна Гора, Албанија, Босна и Херцеговина и Косово, потврдувајќи ја поддршката за нивната европска перспектива. Извештајот за Србија ќе биде разгледуван одделно на пленарната седница во јули поради зголемениот интерес на европратениците за политичките случувања во земјата.
Извештајот за Северна Македонија, подготвен од известувачот Томас Вајц, беше усвоен со 411 гласа „за“, 120 „против“ и 120 „воздржани“. Во рамки на дебатата „Европска иднина за Западен Балкан“, европратениците ја нагласија потребата од продолжување на реформите и одржување на европскиот курс во регионот.
Еврокомесарката за проширување Марта Кос порача дека моментално постои значајна можност за напредок кон членство во Европската Унија и ги повика земјите од регионот да ја искористат. Таа истакна дека Европската комисија е подготвена да напредува со сите кандидати кои ќе ги исполнат реформските обврски и ќе покажат усогласеност со заедничките европски политики.
Томас Вајц оцени дека целта на Европската Унија треба да биде полноправно членство на сите шест земји од Западен Балкан. Според него, по Црна Гора и Албанија, Северна Македонија треба да биде следната земја што ќе направи значителен исчекор кон членството.
„Напредокот мора да биде награден за да се одржи мотивацијата, особено во Северна Македонија“, истакна Вајц.
Тој додава дека е неопходна поголема соработка меѓу власта и опозицијата за спроведување на клучните реформи.
Во извештаите за останатите земји, Европскиот парламент го поздрави напредокот на Црна Гора и Албанија, додека за Босна и Херцеговина беа посочени сериозни предизвици во правосудството, медиумските слободи и реформскиот процес. За Косово беше нагласена потребата од продолжување на реформите и деблокирање на дијалогот со Србија.
Одлуката извештајот за Србија да биде разгледуван посебно ја образложи известувачот Тонино Пицула, кој оцени дека состојбите во земјата имаат значително влијание врз целиот процес на проширување на Европската Унија во регионот.
БРИСЕЛ ПРЕСЕЧЕ Бугарскиот протокол остана, Македонија доби нова порака од Европскиот парламент


