БОЖИНОВСКА СО ЈАСНА ПОРАКА Имаме експерти дома, нема потреба да бараме решенија надвор
Министерката Сања Божиновска и претседателот на МАНУ, Живко Попов, разговараа за поинтензивно вклучување на домашните експерти во креирањето на енергетските стратегии, законите и развојните политики на државата.

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, оствари работна средба со претседателот на Македонска академија на науките и уметностите, Живко Попов, на која беше разговарано за продлабочување на соработката меѓу Министерството и академската заедница во креирањето на стратешките политики во енергетиката, рударството и управувањето со минералните суровини.
На средбата беше оценето дека енергетската транзиција, новите технологии и одржливото користење на природните ресурси бараат посилна поврзаност меѓу институциите и научната јавност. Божиновска истакна дека Македонија располага со врвни домашни експерти и академици чие знаење треба повеќе да се користи при изработката на националните стратегии и развојни планови.
„Треба да покажеме дека имаме сопствени професори, академици и експерти со огромно искуство кои можат да придонесат во креирањето политики засновани на знаење, практично искуство и национален интерес“, нагласи министерката.
Посебен акцент беше ставен на можностите за соработка со Одделот за технички науки при МАНУ, особено во областа на енергетиката, со цел научните анализи и истражувања поактивно да се вклучат во обликувањето на долгорочните развојни насоки на секторот.
Во разговорите беше посочено дека новиот Закон за енергетика носи современи решенија поврзани со батериски системи за складирање електрична енергија, паметни мрежи, електромобилност и интеграција на нови технологии во енергетскиот систем. Дополнително, во подготовка е и нов закон за обновливи извори на енергија, додека значајни активности се спроведуваат и во областа на енергетската ефикасност.
Божиновска и Попов се согласија дека континуираната соработка меѓу институциите и научната заедница е клучна за носење одржливи и квалитетни решенија кои ќе придонесат за развојот на македонската енергетика, рударство и минерални суровини.


