АМЕРИКА НЕ СЕ ПОВЛЕКУВА, НО НАТО МОРА ДА СЕ МЕНУВА Руте испрати силна порака до сојузниците
Генералниот секретар на Алијансата порача дека САД остануваат посветени на сојузниците, но Европа мора да преземе поголема одговорност за сопствената безбедност.

Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, изјави дека Алијансата историски била „премногу зависна“ од воената и финансиската поддршка на Соединетите Американски Држави, но нагласи дека тоа не значи оти Вашингтон се оддалечува од своите сојузници.
На прес-конференција пред состанокот на министрите за одбрана на НАТО, Руте посочи дека САД ги приспособуваат своите придонеси во рамките на моделот на сили на Алијансата, додека останатите членки преземаат поголема одговорност.
„САД ги прилагодија своите ветени придонеси, а другите сојузници вложија напор да придонесат повеќе. Тоа е фер и нè прави посилни“, изјави Руте, пренесува „Гардијан.
Тој ги отфрли тврдењата дека САД се повлекуваат од Европа, нагласувајќи дека американската посветеност кон НАТО останува цврста.
„Во некои случаи ова се претставува како проблем, како САД да се оддалечуваат од своите сојузници, но тоа не е вистина. САД јасно ставија до знаење дека се посветени на НАТО“, рече генералниот секретар.
Според Руте, новата безбедносна реалност бара Алијансата да има повеќе сили, поголеми ресурси и значително посилна одбранбена индустрија. Тој оцени дека европските членки на НАТО и Канада можат да преземат поголем дел од одговорноста за заедничката безбедност.
Руте најави дека земјите-членки треба да достават конкретни планови за исполнување на договорената цел за издвојување пет проценти од БДП за одбрана до 2035 година.
„Очекувам јасни, конкретни и веродостојни планови за постигнување на оваа цел, по можност многу пред договорениот рок“, порача Руте.
https://nacionalno.mk/rute-ne-a-upravuva-nato-negovite-aktivnosti-se-sveduvaat-na-zachuvuva-e-na-ali-ansata/


