ЕУ- ПРАТЕНИК КРЕНА ПРАШИНА Не смеете да се мешате во политиката на Македонија
Португалскиот европратеник Антонио Танжер Кореја порача дека ЕУ не треба да се меша во политичките рамки на земјите кандидатки, што предизвика реакции во Софија.

Дебатата во Европскиот парламент за европската перспектива на Западен Балкан предизвика нови реакции, особено кај бугарските европратеници, по изјавите на португалскиот европратеник Антонио Танжер Кореја.
Кореја, кој е известувач во сенка за Извештајот за Северна Македонија, заедно со известувачот Томас Вајц изрази поддршка за европскиот пат на земјата, оценувајќи дека Македонија треба да биде дел од Европската унија.
„Повеќето од овие земји порано беа многу поблиску до ЕУ. Наша е вината што ги оставивме настрана. Во однос на Северна Македонија, се согласувам дека ни е потребна во ЕУ, но нема потреба да се мешаме во нивниот политички систем и нивната рамка. Тоа оди подалеку од Копенхашките критериуми и не е прифатливо“, изјави Кореја.
Според него, условувањата што надминуваат европски стандарди не претставуваат вистинска политика на проширување.
„Ова не е политика на проширување, туку политика на ‘раздели па владеј’. Не се согласуваме со какво било мешање во овие земји“, порача португалскиот европратеник.
Неговите зборови беа сфатени како критика на барањето Северна Македонија да ги внесе Бугарите во Уставот како дел од процесот за продолжување на евроинтеграциите.
Кореја е еден од известувачите во сенка назначени од Европската народна партија (ЕПП) за извештајот за Северна Македонија, а учествува во подготовката на документот и во преговорите за неговата финална содржина.


