МИЦКОСКИ: БАРАМЕ ПРАВИЛА ЗА ПРИЕМ ШТО ВАЖАТ ЗА СИТЕ – Кошта: без Бугари во устав нема ЕУ за Македонија
Кошта изјави дека Европскиот совет може да разговара за дополнителни гаранции дури откако Македонија ќе ги исполни преземените обврски.

Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, кој денес престојува во официјална посета на Македонија, порача дека усвојувањето на уставните измени останува единствениот услов за формално започнување на пристапните преговори со Европската Унија.
На заедничката прес-конференција со премиерот Христијан Мицкоски, Кошта нагласи дека нема простор за нови договори или повторно отворање на преговарачката рамка усвоена во 2022 година.
„Европската Унија им обезбеди траен мир и стабилност на своите земји-членки преку отпорни демократски институции и силни економски врски. Проширувањето ги нуди истите можности и на нашите европски соседи, како што е Северна Македонија. Но, усвојувањето на договорените уставни измени останува единствениот начин за формално започнување на пристапните преговори. Она што е договорено во 2022 година треба да се испорача и ништо повеќе од тоа“, изјави Кошта.
Според преговарачката рамка со ЕУ, внесувањето на бугарската заедница во Уставот е предуслов за отворање на следната фаза од пристапниот процес.
Одговарајќи на новинарско прашање дали Европскиот совет би можел да усвои заклучоци што би претставувале гаранции за Македонија, Кошта рече дека таква можност може да се разгледува откако земјата ќе ги исполни преземените обврски.
„Посакувам што е можно побрзо Европскиот совет да има услови да донесе вакви заклучоци. Но, тоа зависи од Северна Македонија и од исполнувањето на договореното во 2022 година“, рече тој.
Кошта истовремено го поздрави напредокот на Владата во спроведувањето на реформската агенда, особено во делот на владеењето на правото и реформата на јавната администрација, оценувајќи дека тоа е значајно за евроинтегративниот процес.
Тој го поздрави и целосното усогласување на земјата со заедничката надворешна и безбедносна политика на Европската Унија.
Од своја страна, премиерот Мицкоски истакна дека посетата на Кошта нема да ја промени позицијата на Владата во однос на евроинтеграциите и уставните измени.
„Не бараме привилегии, ниту олеснети правила. Бараме принципи и процес во кој реформите, трудот и исполнетите обврски ќе бидат вистински вреднувани. Владата ќе продолжи со реформите, зајакнувањето на институциите, стабилизирањето на економијата и подобрувањето на јавните услуги“, изјави Мицкоски.
Тој додаде дека по години компромиси и исполнети барања, кај граѓаните постои чувство на неизвесност и недоверба, оценувајќи дека Европа е најсилна кога покажува визија, политичка храброст и доследност кон сопствените вредности.
„Верувам дека достоинството, идентитетот и принципиелноста не треба да бидат пречка за европската перспектива, туку нејзин составен дел“, порача премиерот.
