100 ГОДИНИ ПОДОЦНА, ИСТИТЕ ПРАШАЊА Зошто Рацин сè уште нè погодува?

На отворањето на 63. Рацинови средби во Велес беше истакнато значењето на поетот кој остави траен белег во македонската култура.

100 ГОДИНИ ПОДОЦНА, ИСТИТЕ ПРАШАЊА Зошто Рацин сè уште нè погодува?
Фото: Принтскрин

Со порака дека делото на Кочо Солев Рацин и по еден век продолжува да ја одразува современата стварност, во Велес беа отворени 63. Рацинови средби. Академик Катица Ќулавкова истакна дека творештвото на Рацин останува трајна вредност и сведоштво за борбата за слобода, правда и човекови права.

„Рацин е една од ретките историски личности кои ја совладале историската лекција и застанале во одбрана на слободата, социјалната еднаквост и достоинството на човекот. Тој се бунтувал со збор, со знаење, со ум и со општествен ангажман“, рече Ќулавкова.

Според неа, Кочо Рацин претставува симбол на македонската национална, политичка, културна и историска самосвест, а неговите дела покажуваат дека зборот има сила да ги менува општествените текови.

„Рацин и денес се чита како да ја опишува сегашноста, како неговите стихови да се создадени во овој момент, а не во 1930-тите години. Или Рацин е вечен или општеството не се менува многу“, посочи академик Ќулавкова.

На отворањето беше доделено и Рациновото признание за 2026 година, кое му припадна на театрологот и режисер Наум Пановски за делото „Коста Солев – смртопис“. Во конкуренција за наградата биле пријавени 25 дела.

Пановски, кој не присуствуваше на свеченоста бидејќи е надвор од земјата, дополнително ќе го добие признанието. Паричниот дел од наградата тој одлучил да го донира на граѓанското здружение „Пркос“.

Жирито во состав проф. д-р Елизабета Шелева, проф. д-р Лорета Георгиевска-Јаковлева и проф. д-р Марија Ѓорѓиева-Димова оцени дека делото на Пановски отвора нови перспективи за трагичната судбина на Рацин.

Шелева посочи дека во „Коста Солев – смртопис“ фокусот не е само врз прашањето кој е одговорен за смртта на поетот, туку и врз причините и околностите што довеле до неговото ликвидирање.

Во рамки на годинешните Рацинови средби вечерва ќе се одржи меѓународен поетски митинг, а ќе биде врачено и почесното Рациново признание на полскиот поет и преведувач Маќеј Кавка за неговиот придонес во афирмацијата и промоцијата на македонскиот јазик, литература и култура во странство.

CATEGORIES
Share This