37 КНИГИ СЕ ПРИЈАВИЈА, САМО ПЕТ ОСТАНАА Кој ќе ја освои наградата „Браќа Миладиновци“?

Одлуката за лауреатот останува во тајност, додека Струшките вечери на поезијата се подготвуваат за 65-тото издание.

37 КНИГИ СЕ ПРИЈАВИЈА, САМО ПЕТ ОСТАНАА Кој ќе ја освои наградата „Браќа Миладиновци“?
Фото: Принтскрин

Пет поетски книги влегоа во потесниот избор за престижната награда „Браќа Миладиновци“, која традиционално ја доделува фестивалот „Струшки вечери на поезијата“. Жири-комисијата едногласно ги избра насловите кои годинава ќе конкурираат за највисокото признание во македонската поезија.

Во финалниот избор се најдоа книгите „Меко трње“ од Марија Ангеловска, во издание на „ПНВ Публикации“ од Скопје, „Во куќата“ од Николина Андова-Шопова, објавена од „Бегемот“, „Длабок простор“ од Зоран Анчевски, издание на „Арс ламина“, „Првата ноќ и вториот рај“ од Сузана В. Спасовска, објавена од „Слово“, како и „Болна земја“ од Братислав Ташковски, во издание на „Матица македонска“.

За годинешното издание на конкурсот пристигнале 37 поетски книги од 35 автори, создадени и објавени во периодот меѓу двете фестивалски изданија.

Од „Струшки вечери на поезијата“ соопштија дека жири-комисијата ја продолжува работата зад затворени врати, согласно правилата на наградата, сè до конечниот избор на добитникот. Авторите од потесниот избор ќе бидат претставени на посебен фестивалски настан, а името на лауреатот ќе биде објавено на 26 јуни во 12:30 часот.

Добитникот на наградата ќе добие парична награда, но и можност неговото дело да биде преведено и објавено на англиски јазик, со промоција и авторски портрет на следното издание на „Струшките вечери на поезијата“.

65-тото издание на фестивалот ќе започне на 24 јуни со традиционалното засадување дрво во Паркот на поезијата од страна на холандската поетеса Анеке Брасинга, добитничка на „Златен венец на СВП“. Свеченото отворање ќе се одржи истата вечер во Центарот за култура „Браќа Миладиновци“ во Струга.

Фестивалот ќе трае до 29 јуни под мотото „Каде што живее поезијата“, а годинашната програма е посветена на јазикот како простор во кој се создава и опстојува поезијата, како и на различните култури, идентитети и светогледи.

CATEGORIES
Share This