БОЖИНОВСКА: МАКЕДОНИЈА ИМА ПЛАН ЗА ЕНЕРГЕТСКА ИДНИНА Стартува капитален проект
Со грант од 2,4 милиони долари од Светска банка започнува подготовката на когенеративната централа „РЕК Битола 1“, инвестиција вредна над 200 милиони евра која треба да донесе постабилно снабдување со енергија и помали емисии на штетни гасови.

Во Владата денеска беше потпишан Договор за грант вреден 2,4 милиони американски долари меѓу АД ЕСМ и Светска банка, со што официјално започнуваат подготвителните активности за реализација на проектот за когенеративната централа „РЕК Битола 1“.
На церемонијата присуствуваа премиерот Христијан Мицкоски, министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска, вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, министерот за животна средина Муамет Хоџа, како и претставници на Светска банка и АД ЕСМ.
Министерката Божиновска оцени дека потпишувањето на договорот претставува значаен чекор во модернизацијата на македонскиот енергетски сектор и потврда за определбата на државата кон сигурна и одржлива енергетска иднина.
Таа истакна дека, покрај забрзаниот развој на обновливите извори на енергија, потребни се и стабилни производствени капацитети кои ќе обезбедат сигурно снабдување со електрична енергија.
„Македонија има јасна визија, конкретен план и партнери кои веруваат во нашата иднина. Целта е да произведуваме повеќе домашна енергија, постепено да го намалуваме јаглеродниот отпечаток и истовремено да ја зачуваме енергетската сигурност“, изјави Божиновска.
Според неа, природниот гас е препознаен како транзициско гориво во националните стратешки документи и има важна улога во постепената декарбонизација на енергетскиот сектор.
Новата когенеративна централа во РЕК Битола ќе овозможи истовремено производство на електрична и топлинска енергија, намалување на емисиите на штетни гасови, подобрување на квалитетот на воздухот и посигурно снабдување со енергија за граѓаните и стопанството.
Вкупната вредност на проектот се проценува на над 200 милиони евра. Станува збор за една од најзначајните инвестиции во трансформацијата на македонскиот енергетски сектор и исполнувањето на националните и европските цели за одржлив енергетски развој. Новата централа ќе работи според современи еколошки стандарди и ќе придонесе за постепена и праведна енергетска транзиција.


