СДСМ И ДУИ ПОТПИШАА КАПИТУЛАЦИЈА Ние нема да попуштиме
Мицкоски со жестоки пораки кон опозицијата дека нема попуштање

Претседателот на Владата Христијан Мицкоски, во интервју за централниот дневник на АЛСАТ-М, изјави дека претходната влада на СДСМ и ДУИ потпишала „капитулација“ со прифаќање на бугарските барања, додавајќи дека актуелната влада нема да попушти на „уцени“.
Тој посочи дека испраќа три клучни пораки.
„Првата порака е дека уставни измени без ВМРО-ДПМНЕ нема. Политичарите од опозицијата можат да бидат мекото ткиво на македонскиот идентитет и државност, и тоа е нивен избор. Јас не можам ниту да им судам, ниту да давам пофални зборови“, изјави Мицкоски.
Тој додаде дека, според него, претходната влада потпишала „бел лист хартија“ кој го нарекува „капитулација“, мотивирана од политички интереси.
„ДУИ имаше едни интереси тогаш, СДСМ други. Она што ги обединува е верувањето дека со тоа ќе си обезбедат изборна победа, но тоа не се случи и сега се во опозиција и во внатрешни проблеми“, рече тој.
Во третиот дел од изјавата, Мицкоски нагласи дека владата е свесна за обврските што ги презела претходната влада, но и за, како што рече, обврските на соседна Бугарија во однос на човековите права.
Тој се повика на пресуди на Европскиот суд за човекови права, наведувајќи дека постојат најмалку 14 одлуки со кои Бугарија се обврзува да дозволи регистрација на здружението ОМО „Илинден – Пирин“, што, како што рече, не се спроведува.
„Оваа резолуција е донесена многу порано од условите прифатени од претходната влада на СДСМ и ДУИ“, додаде Мицкоски.


