ЗПОЧНА СУДЕЊЕТО НА ПОЛИЦАЈЦИТЕ ЗА СЛУЧАЈОТ ПУЛС Девет полицајци не признаваат вина
Девет полицајци од втората група обвинети за злоупотреба на службена положба.

Ниту еден од деветтемина обвинети од таканаречената втора група полицајци на судењето не призна вина за наводното овозможување на непречено работење на импровизираната дискотека „Пулс“ во Кочани. Според обвинението, тие со своите позитивни мислења за јавниот ред и мир и за бројот на пропишани паркинг-места придонеле објектот да добие лиценца за работа како да ги исполнува сите услови.
Според доказите на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција (ОЈОГОКК), обвинетите пропуштиле да извршат целосна и детална проверка при издавањето на позитивни согласности за фирмата „ММММ Кафе“, под чија рамка функционирала и дискотеката „Пулс“. Објектот бил сместен во поранешен производствен погон, а во пожарот на 16 март 2025 година загинале 63 млади лица, додека над 230 биле повредени.
Судењето против деветтемина обвинети започна денеска со изјаснување за вина и воведни зборови на ОЈОГОКК. Сите се товарат за кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“.
Обвинителката Спасенка Андонова во воведниот збор истакна дека обвинетите не извршиле целосна и детална проверка при давањето позитивна согласност за лиценца за угостителска дејност на кабарето „Пулс“ во Кочани, со што овозможиле објектот да добие лиценца во 2022 и 2023 година. Според обвинението, со тоа била прибавена имотна корист за правното лице во износ од 284.576 денари во 2022 година, како и корист за неформалниот сопственик на клубот во вид на бруто плата од 335.916 денари.
Овие проверки се неопходни за полицијата да даде мислење, односно согласност, која претставува услов за издавање лиценца за работа на угостителски објекти.
Според обвинението, слични постапки претходно спроведувале и нивни претходници во СВР Штип и Полициската станица Кочани, но поради измените во Кривичниот законик од 2023 година и намалувањето на казните за ова кривично дело, нивните случаи веќе се застарени.
Меѓу обвинетите се полициските службеници Димче Аврамов, Јане Трајчев, Александар Атанасов, Влатко Илиев, Александар Темелков, Влатко Наумов, Гоце Ристов, Боби Гидиоски и Гоце Иванов. Според обвинителството, тие дале согласности за безбедност во сообраќајот за дискотеката „Пулс“, иако немало доволно паркинг-места и биле регистрирани нарушувања на јавниот ред и мир, при што тие не извршиле соодветни проверки или ги игнорирале.
Дел од обвинетите се и пензионирани полициски службеници. На денешното рочиште, помладите меѓу нив се пожалија пред судијката Ленка Давидкова дека, иако обвинителството не побарало нивно отстранување од работните места, сепак биле суспендирани и оставени без приходи додека трае постапката.


