ПРЕД ДА ТРНЕТЕ НА ПАТУВАЊЕ Проверете кои делници се под времен режим на сообраќај
Сообраќајот се одвива непречено, без задржувања на граничните премини.

Сообраќајот на сите државни патишта во земјава се одвива непречено по суви коловози, информираат од Авто-мото сојузот на Македонија (АМСМ).
Интензитетот на сообраќајот надвор од урбаните средини е умерен, а на граничните премини од македонска страна во моментов нема подолги задржувања ниту за влез, ниту за излез од државата.
Од АМСМ апелираат до возачите да ја приспособат брзината кон условите на патот, да ја почитуваат поставената сообраќајна сигнализација и внимателно да управуваат со возилата, особено на делниците каде постои опасност од појава на одрони. Зголемена претпазливост се препорачува на патиштата Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Патниот правец Охрид – Ресен преку Националниот парк Галичица, од 15 април е повторно отворен за сообраќај за сите возила со маса до 3,5 тони.
Во меѓувреме, на повеќе патни делници низ државата продолжуваат градежни активности и санации, поради што е воведен времен режим на сообраќај.
Работи се изведуваат на автопатот А2 на делницата Гостивар – Стража, каде се врши санација на неколку мостови и вијадукти. Активности има и на мостовите над реката Вардар кај село Желино, како и на скопската обиколница, каде поради рехабилитација е затворена левата лента на дел од трасата меѓу клучките Волково и Кондово.
Времен режим на сообраќај е воведен и на автопатот Смоквица – Гевгелија поради изградба на интерконективен гасовод, како и на регионалниот пат Косоврасти – Мелнички Мост, каде се врши санација на свлечиште.
Поради изградбата на Коридорот 10Д, во сила е и пренасочување на сообраќајот на дел од патниот правец Прилеп – Битола, од клучката Лагово до Тополчани, каде возилата се движат по регионалниот пат.


