МИЦКОСКИ ЗА ЧИФЛИГАНЕЦ Тој е во суштина најголем патриот
Во комплексот има амбуланта, физикална терапија, парк и современи услови за секојдневие.

Со инвестиција вредна околу осум милиони евра, компанијата „Адора Бизнис Групација“ официјално го пушти во употреба Домот за стари лица „ПУСЗ Оаза by Adora“ во Општина Илинден, кој се смета за најголем и најсовремен објект од ваков тип во регионот.
На свеченото отворање присуствуваше и премиерот Христијан Мицкоски, кој оцени дека станува збор за значајна приватна инвестиција што директно придонесува за подобрување на квалитетот на живот на граѓаните.
Домот располага со капацитет од 150 корисници, додека во првата фаза ќе бидат згрижени 64 лица. Концептот е насочен кон обезбедување целосна здравствена, социјална и психофизичка поддршка за повозрасните лица, со акцент на достоинствен живот, сигурност и активно секојдневие.
Во рамки на комплексот функционираат сопствена амбуланта „Оаза Медика“, амбулантно возило, сала за физикална терапија, фризерско студио и кафе-бар за корисниците и нивните семејства. Дел од објектот е и „Парк Оаза“, зелен простор наменет за прошетки, рекреација и социјални активности.
Комплексот се простира на околу 8.000 квадратни метри, од кои повеќе од 3.000 квадратни метри се зелени површини. Објектот е изграден како енергетски ефикасен комплекс со современи системи и соларни панели, следејќи европски стандарди и искуства од слични установи во Италија и Швајцарија.
Сместувачките капацитети се адаптирани за лица со различни здравствени потреби и нивоа на зависност, со можност за краткорочен и долгорочен престој. Во домот е формиран и специјализиран оддел за лица со деменција, каде се применуваат современи методи на нега, вклучително музикотерапија, ароматерапија и техники за поттикнување на спомените преку познати звуци и мириси.
Во своето обраќање, Мицкоски истакна дека Владата ќе продолжи да ги поддржува приватните иницијативи кои создаваат додадена вредност за општеството.
„Наша цел како Влада е да поддржуваме приватни инвестиции, особено кога тие придонесуваат за подобар и поквалитетен живот на граѓаните“, рече премиерот.
Тој упати честитки до инвеститорот, оценувајќи дека вложувањата во вакви проекти претставуваат пример за општествено одговорно претприемништво и отворање нови работни места.
„Навистина претставува храброст пред сè да се влезе во една ваква инвестиција, за мене луѓето коишто влегуваат во вакви инвестиции се во суштина најголемите патриоти коишто обезбедуваат едно работно место повеќе, коишто се грижат да обезбедат плата повеќе во месецот, така што ние како Влада секогаш ќе бидеме на страната на бизнисот којшто секогаш се труди да направи повеќе. Колку е поуспешен бизнисот, толку е и државата поуспешна, тоа јас сум го кажал многупати, а колку е државата пак поуспешна тогаш и бизнисот е повреден, тоа е отприлика како двонасочна улица, така што за мене претставува чест и благодарност до сопственикот на објектот, овде за денеска што ме покани да свечено го отвориме овој објект“, додаде премиерот.
Од „Адора Бизнис Групација“ посочуваат дека „ПУСЗ Оаза“ не е само деловен проект, туку и инвестиција во заедницата, чија цел е да обезбеди современа, безбедна и достоинствена грижа за повозрасните лица.


