АХМЕТИ СЕ ПОВЛЕКУВА ОД ЛИДЕР НА ДУИ И ПОРАЧУВА Зошто Албанците да одат на избори ако Мицкоски одлучува кој ќе биде во власта
Лидерот на ДУИ со нови пораки што отвораат дилеми за неговата политичка иднина.

Али Ахмети, лидерот на ДУИ, повторно реагираше на политичките случувања по преминот на неговата партија во опозиција по повеќе од две децении на власт, упатувајќи критики кон премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
На партиски настан во Желино, тој порача дека изборните резултати треба да бидат единствена основа за политички легитимитет, истакнувајќи дека победниците треба да ја водат државата, а поразените да работат за подобар резултат на следните избори. Во својот говор постави прашања за политичката доверба и односите меѓу партиите, алудирајќи на начинот на формирање на власта.
Ахмети го повтори својот став дека демократските процеси мора да се почитуваат, иако во јавноста се потсетува дека по изборите во 2016 година ДУИ учествуваше во процесите на формирање влада и покрај тогашните политички договори и тензии.
На одделни партиски собири во Желино и Куманово, тој порача дека ДУИ останува силно организирана политичка структура и дека во тек е процес на вклучување на нови генерации во раководството. Според него, основачите постепено им го отстапуваат местото на помладите членови, со цел партијата да се обновува и зајакнува.
Ахмети најави и дека во иднина нема да остане на чело на партијата, туку ќе се повлече од активното раководење и ќе се приклучи на редовите на партиските ветерани, нагласувајќи дека ДУИ треба да продолжи да се развива и да биде „поголема од сите поединци“.


