ТРЕБА ДА СТИГНАТ ПАРИТЕ, А АПЛИКАЦИЈАТА Е БЛОКИРАНА Што се случува со „МојДДВ“
Корисниците од 10 јуни при најава добиваат порака дека нема конекција со УЈП.

Апликацијата „МојДДВ“, преку која граѓаните ги скенираат фискалните сметки за остварување поврат на дел од платениот ДДВ, веќе петти ден има проблеми со функционирањето. Корисниците од 10 јуни наваму при обид за најава добиваат порака дека нема конекција со Управата за јавни приходи (УЈП).
Од УЈП на 12 јуни преку социјалните мрежи соопштија дека апликацијата работи со повремени забавувања и дека се преземаат активности за отстранување на проблемите.
„Ве информираме дека апликацијата ‘МојДДВ’ моментално функционира со повремени забавувања. Нашите тимови активно работат на утврдување на причините и на надминување на предизвиците, со цел што поскоро да се обезбеди нејзино непречено функционирање“, наведоа од УЈП.
Сепак, и два дена по ова известување, голем број корисници и натаму не можат да пристапат до апликацијата.
Преку системот „МојДДВ“, граѓаните можат да добијат поврат на дел од платениот данок, при што максималниот износ за едно тримесечје изнесува 2.100 денари. Јуни е последниот месец од тековниот квартал, во кој се очекува и исплатата на повратот за претходниот период.
Од УЈП претходно, на крајот на март кога имаше доцнење со исплатите, потсетија дека според законските одредби рокот за исплата на повратот на ДДВ е 60 дена по завршувањето на кварталот.


