(ВИДЕО) ШТО СЕ СЛУЧУВА СО КЛИМАТА ВО МАКЕДОНИЈА Професорот по физика Манолев реши сам да ја бара вистината

Постави метеоролошка станица во својот двор и откри промени што ги загрижуваат земјоделците.

(ВИДЕО) ШТО СЕ СЛУЧУВА СО КЛИМАТА ВО МАКЕДОНИЈА Професорот по физика Манолев реши сам да ја бара вистината
Фото: Принтскрин

Пензионираниот професор по физика во СОУ „Гоце Делчев“ Валандово, Стојан Манолев, долгогодишен едукатор и координатор на GLOBE активности во Северна Македонија, по завршувањето на својата наставничка кариера во 2024 година ја насочи својата љубов кон науката кон локалната заедница и земјоделството.

Живеејќи во регион каде што голем дел од населението зависи од земјоделското производство, Манолев забележал сè поизразени климатски промени и неочекувани пролетни мразови, екстремно топли лета и поблаги зими. Овие појави го поттикнале да започне подетално следење на локалните атмосферски услови.

Иако во околината постојат неколку официјални мерни станици, тој сметал дека на жителите им се потребни подостапни и подетални податоци. Најпрво поставил класична метеоролошка станица по примерот на GLOBE програмата, а подоцна ја заменил со современа автоматска станица напојувана со сончева енергија.

За да обезбеди што попрецизни мерења, станицата е поставена според препораките на производителот – на висина од 1,5 метри над земјата и во простор со минимално влијание од околните објекти. Таа се наоѓа на надморска височина од 151 метар.

Локацијата има медитерански климатски карактеристики, со температури кои најчесто се движат од -5 до 35 степени Целзиусови и просечни годишни врнежи од 400 до 600 литри на квадратен метар. Сепак, локалните набљудувања укажуваат дека овие климатски обрасци постепено се менуваат.

Манолев посочува и на претходно истражување спроведено од негов поранешен ученик, кое покажало значително намалување на врнежите во споредба со историските податоци. Иако анализата не опфаќа идентични временски периоди, резултатите отвораат важни прашања за влијанието на климатските промени во регионот.

Токму затоа, неговата цел е преку долгорочно собирање податоци да утврди дали количината на врнежи навистина се намалува од година во година. Таквите информации можат да бидат од голема корист за земјоделците, бидејќи врнежите, влажноста на воздухот и состојбата на почвата директно влијаат врз изборот и успешноста на земјоделските култури.

Сите собрани податоци Манолев јавно ги објавува преку веб-страницата на својата Атмосферска опсерваторија. Освен температурите и врнежите, тој следи и атмосферски притисок, снежни врнежи, pH вредност на дождовната вода, како и брзина и насока на ветерот.

Со оваа иницијатива, професорот Манолев продолжува да придонесува за науката и заедницата, обезбедувајќи корисни информации кои можат да помогнат во подобро планирање на земјоделското производство во услови на променлива клима.

 

CATEGORIES
TAGS
Share This