МИЦКОСКИ ЗА РАЗГОВОРИТЕ СО МЕРЦ И МАКРОН Сосема различно од раговорот во Софија
Мицкоски предупредува дека спорот со Бугарија не се сведува само на внесувањето на Бугарите во Уставот, туку опфаќа и прашања поврзани со историјата и идентитетот.

Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека останува оптимист во однос на разговорите што ги водел со германскиот канцелар Фридрих Мерц и францускиот претседател Емануел Макрон, нагласувајќи дека темите на тие средби биле значително различни од оние за кои се разговарало на состанокот меѓу претседателката Гордана Силјановска-Давкова и бугарската потпретседателка Илијана Јотова во Софија.
Според Мицкоски, Македонија треба да остане посветена на одбраната на националните интереси, без избрзани потези и политики што, како што рече, ја одбележале претходната влада.
„Мора да бидеме оптимисти и да работиме, а воедно да ги браниме македонските национални интереси. Наскоро ќе влеземе во втората половина од мандатот и ќе следуваат парламентарни избори. Граѓаните тогаш ќе оценат кој заслужува нивна доверба“, изјави премиерот при посетата на општина Кисела Вода.
Тој повторно потенцираше дека, според неговите ставови, обврските што произлегуваат од договореното со Бугарија не се сведуваат само на уставните измени и внесувањето на бугарската заедница во Преамбулата.
„Промената на Уставот е само почеток. Потоа следуваат Акцискиот план, работата на историската комисија и спроведувањето на Протоколот број 2, кој содржи повеќе обврски за државата. Нема ништо ново во овие барања тие постојат уште од 2022 година“, рече Мицкоски.
Тој оцени дека дел од клучните несогласувања меѓу Скопје и Софија се поврзани со историските и идентитетските прашања.
„За нас, Гоце Делчев и Илинденското востание се составен дел од македонскиот идентитет. Тоа се суштински прашања околу кои постојат различни гледишта. Овие теми не се нови и се дел од процесот уште од 2022 година“, истакна премиерот.
Мицкоски додаде дека веќе три години предупредува на овие прашања и смета дека е важно тие да бидат јасно разбрани и од домашната јавност и од меѓународните партнери.
МИЦКОСКИ ОТКРИВА Бугарија има скриен список од десетици нови барања


