СЕ ПОДГОТВУВААТ НЕКОЛКУ НОВИ ИЗБОРНИ ПРАВИЛА – Нема консензус за клучното околу ибзорниот модел
Работна група во Министерството за правда ги финализира измените на Изборниот законик.

На евентуалните предвремени парламентарни избори, кои сè почесто се најавуваат од страна на премиерот Христијан Мицкоски, можно е да се применат неколку десетици нови изборни правила. Нивното воведување, во форма на нов Изборен законик, произлегува од потребата утврдена на последната седница на меѓупартиската работна група во Министерството за правда.
Работната група, како што претходно беше најавено од Министерството, ги разгледувала последните конкретни решенија што би се инкорпорирале во новите изборни правила, а кои се предложени од институции како Државната изборна комисија (ДИК), Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК), Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) и други надлежни органи.
Од Министерството за правда соопштија дека на седницата присуствувале претставници на институциите кои претходно доставиле предлози, мислења и препораки во рамки на процесот на подготовка на измените на Изборниот законик, при што било потребно дополнително појаснување. Со цел поцелосна и поаргументирана расправа, институциите директно пред членовите на работната група ги презентирале своите предлози и дале дополнителни објаснувања за прашањата што биле предмет на разгледување.
Според најавите, веќе следната недела ќе бидат вградени усогласените решенија во текстот на предлог-законот за изменување и дополнување на Изборниот законик, кој потоа ќе биде доставен до членовите на работната група за дополнителен увид и евентуални забелешки.
Неофицијално, претставниците на политичките партии, без учество на најголемата опозициска партија СДСМ, веќе се усогласиле околу неколку десетици законски решенија кои треба да бидат подготвени за усвојување. Сепак, останува неизвесно дали тие ќе бидат донесени, имајќи ја предвид можноста опозицијата да го искористи правото на „филибастеринг“, со што би се блокирало донесувањето на новите изборни правила.
Од СДСМ претходно најавија дека одлука за учество во процесот ќе донесат откако ќе биде јасно што точно е договорено во работната група. Тие не учествуваат во процесот поради незадоволство од неодамнешното укинување на моделот на пржинската влада без нивна согласност.
Неофицијално Национал дознава дека усогласените одредби во голема мера се засноваат на препораките на ОБСЕ и ОДИХР. Меѓу нив се правилата за користење буџетски средства на институциите во изборната кампања, користење службени профили на социјалните мрежи за време на избори, регулација на огласите и вработувањата, како и изземање на лица со специфични професии, како медицински работници, од изборниот процес.
Дел од договорените измени се однесуваат и на пристапот до избирачкиот список и роковите за негово доставување, како и на распределбата на државните средства за изборно рекламирање. Со новите решенија би се надминала досегашната нејаснотија околу правото на средства, кое во актуелниот законик им припаѓа само на одредени партии, додека други со сличен број пратеници остануваат исклучени.
Во законот, најверојатно, ќе биде вклучена и одредба со која ќе се спречи брзо регистрирање интернет-портали со цел добивање државни пари од партиско рекламирање, вклучително и обврска тие да бидат регистрирани со домен „.мк“, односно во Северна Македонија.
На седницата, според неофицијални информации, не се разговарало за воведување нов изборен модел со една изборна единица, бидејќи не бил постигнат консензус меѓу партиите. Тоа, според проценките, значи дека на следните избори најверојатно ќе се гласа по постојниот модел со шест изборни единици.

