СРЕДБА ВО НАРОДНАТА КАНЦЕЛАРИЈА Силна порака за поддршка на децата што се борат со канцер
Фокус на проблемите, предизвиците и потребата од системска финансиска поддршка.

На средбата со претседателката, родители на деца со канцер упатија апел за финансиска поддршка од државата.
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова вчера во Народната канцеларија во Скопје се сретна со претставници на граѓанското здружение „САНО“, кое ги обединува родителите и децата кои ја победиле или сè уште се борат со канцер.
На средбата тие ја информираа претседателката за досегашната и тековната работа на здружението, како и за проблемите и предизвиците со кои се соочуваат.
Мајките на излекуваните деца се осврнаа на тешката борба со болеста, но и на недоволната системска поддршка и разбирање во тој процес.
Според нив, справувањето со тешката болест би било значително полесно доколку државата обезбеди финансиска помош во форма на паричен надомест за време на болничкото лекување, како и во првите пет години по лекувањето, поради зголемениот ризик од повторно појавување на болеста во тој период.
Децата ја запознаа претседателката со своите образовни и културни активности, како и со нивните планови и очекувања.
Претседателката изрази восхит за нивната храбра борба и победа над тешката болест, како и поддршка за нивните стремежи и разбирање за нивните барања.
Таа посочи дека „САНО“ може да го користи просторот на Народната канцеларија за да ја запознава јавноста и да ја подигнува свеста за проблемите со кои се соочуваат.


