ГОЛЕМ ДОГОВОР СО ТУРЦИЈА Доаѓаат летови Анкара-Скопје и карго железница
Средби на Николоски со турските министри резултираа со зајакнување на транспортната соработка.

Успешните средби на заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски со турскиот министер за трговија Омер Болат и министерот за транспорт Абдулкадир Уралоглу резултираа со договори за воспоставување директна авиолинија Анкара-Скопје и карго железничко поврзување меѓу двете земји, објави Николоски на својот Фејсбук профил.
Министерот за трговија на Турција, пак, на социјалната мрежа Икс ја објави информацијата за новата авиолинија и железничкото карго поврзување, нагласувајќи дека двете земји продолжуваат да работат кон целта за билатерална трговска размена од 2 милијарди долари.
„По повод Турско-Македонскиот бизнис форум, заедно со нашиот министер за транспорт и инфраструктура, г. Абдулкадир Уралоглу, остваривме средба со заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт на Република Северна Македонија, г. Александар Николоски.
На средбата се согласивме дополнително да ја зајакнеме соработката во областите на транспортот, логистиката, цивилното воздухопловство и железничкиот сообраќај. Веруваме дека директните летови на „AJet“ на релација Анкара-Скопје, како и железничката соработка меѓу TCDD и МЖ Инфраструктура ќе дадат значаен придонес за трговијата, инвестициите и поврзаноста меѓу нашите земји.“

