ГОРДАНА БЛАГОДАРАМ ЗА ВИСТИНАТА Филипче со напад кон Мицкоски, а пофалба за Сиљановска
Лидерот на СДСМ тврди дека претседателката јавно потврдила дека историските спорови со Бугарија не се услов за продолжување на евроинтеграциите.

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, преку објава на социјалната мрежа X оцени дека претседателката Гордана Сиљановска-Давкова за првпат јавно ги потврдила ставовите што, според него, СДСМ и граѓанскиот „Фронт за вистина и правда“ ги застапуваат подолг период во однос на евроинтегративниот процес.
Филипче се осврна на изјавата на Сиљановска-Давкова дека Македонија треба да напредува кон Европската Унија преку спроведување реформи и почитување на владеењето на правото, а не преку историски и идентитетски расправи. Тој нагласи дека историските спорови со Бугарија и работата на заедничката историска комисија не претставуваат услов за продолжување на пристапните преговори со ЕУ.
„Историските спорови со Бугарија и работата на Историската комисија не се дел од условите за продолжување на преговорите со Европската Унија. Тоа е билатерално прашање меѓу Македонија и Бугарија, а не европски услов“, напиша Филипче.
Лидерот на СДСМ истакна дека реформите и исполнувањето на Копенхашките критериуми се клучни за напредокот на државата кон членство во Европската Унија и дека тие не претставуваат закана за македонскиот јазик, култура и национален идентитет.
Во објавата тој упати критики и кон премиерот Христијан Мицкоски, обвинувајќи го дека со, како што наведе, „лаги и пропаганда“ ја продлабочува поделбата во општеството и ја оддалечува државата од европскиот пат.
На крајот од пораката, Филипче директно ѝ се обрати на претседателката Сиљановска-Давкова, заблагодарувајќи ѝ се за, како што наведе, „вистината“ и изразувајќи надеж дека ќе застане и на страната на правдата.
„Реформи сега. Европа сега“, порача Филипче.


