500 МЕТРИ ОД УЧИЛИШТА Нов закон што целосно го менува коцкарскиот бизнис во Македонија

Забрани за агресивно рекламирање и промоција на коцкање како „пат до успех“.

500 МЕТРИ ОД УЧИЛИШТА Нов закон што целосно го менува коцкарскиот бизнис во Македонија
Фото: Принтскрин

Казината, автомат клубовите и приредувачите на електронски игри на среќа ќе мора да бидат лоцирани најмалку 500 метри од основни и средни училишта, согласно новиот Закон за игрите на среќа и забавните игри, кој беше усвоен во Собранието. Дополнително, работењето во овој сектор ќе биде подложено на построги правила за рекламирање, задолжително користење ГПС-уреди на секој автомат, повисоки банкарски гаранции и нови финансиски обврски при отворање деловни простории.

Со законските измени се цели кон подобра заштита на младите, намалување на негативните последици од коцкањето, сузбивање на сивата економија и зајакнување на контролниот систем. Властите очекуваат новата регулатива да донесе поголема правна сигурност и поефикасно уредување на пазарот на игри на среќа.

Според новите одредби, објектите за казина, автомат клубови и електронски игри на среќа ќе можат да се отвораат исклучиво на растојание од најмалку 500 метри од училишта. Исклучок се обложувалниците, но во нивните објекти лоцирани во овој радиус нема да биде дозволено поставување видеолотариски терминали и други електронски уреди за игри на среќа.

Значително се заострува и регулативата за рекламирање. Ќе биде забрането претставување на игрите на среќа како начин за брзо збогатување, решавање финансиски проблеми или стекнување социјален статус, како и користење познати личности кои би ги промовирале како пат до успех. Ограничувања се воведуваат и за надворешно рекламирање, како и за содржини што би можеле да ги поттикнуваат малолетниците на учество.

Една од клучните новини е обврската сите автомати и електронски терминали да бидат поврзани со ГПС-систем кој континуирано ќе комуницира со Управата за јавни приходи, со цел следење на нивната локација и спречување нелегално поставување.

Со законот се укинува и можноста една лиценца да покрива повеќе објекти. Наместо тоа, се воведуваат посебни надоместоци за секоја деловна просторија, како и повисоки гаранции за операторите во секторот.

Во регулативата се вклучени и препораките на MONEYVAL при Советот на Европа, со дополнителни критериуми за сопственици и управители, насочени кон спречување перење пари и финансирање тероризам.

Останува и забраната за учество на лица под 18 години во игрите на среќа, а приредувачите ќе мора јасно да истакнат предупредувања за забрана за малолетници и информации за ризиците и зависностите.

Новите мерки наидоа на реакции од индустријата. Од АСОМ и здружението „Сакам да работам“ оценуваат дека измените би можеле да доведат до затворање на голем број легални објекти и губење на околу 10.000 работни места, со потенцијално индиректно влијание врз над 35.000 луѓе.

Тие предупредуваат и дека ограничувањето на легалниот сектор може да поттикне премин кон нелегални приредувачи, што би ја зголемило сивата економија и би ги намалило буџетските приходи.

ВРАБОТЕНИТЕ ОД ИНДУСТРИЈАТА ЗА КОЦКАЊЕ НА ПРОТЕСТ Бараме јавна расправа за законот за игри на среќа

CATEGORIES
Share This