РЕВИЗИЈА УДРИ ВРЗ СИСТЕМОТ Илјадници евра исплатени без контрола
ДЗР со нов извештај открива сериозни слабости во контролите и исплатите на социјална помош.

Државниот завод за ревизија (ДЗР) утврдил серија слабости во системот за остварување и исплата на правата од социјална заштита, кои резултирале со неосновани исплати и потенцијална штета врз државниот буџет.
Според ревизорскиот извештај, недоволните системски контроли, слабата размена на податоци меѓу институциите и неажурното проверување на информации за корисниците довеле до исплата на права и во случаи кога не биле исполнети сите законски услови.
Во 2024 година се исплатени околу 10 милијарди денари (приближно 162 милиони евра) за парични надоместоци и социјални права, што претставува околу 15% од вкупните расходи на Министерството за социјална политика, демографија и млади. Средствата биле распределени на просечно 113.666 корисници, при што во периодот 2022–2024 година е забележан раст од околу 30%.
Ревизијата укажува дека дел од правата биле одобрувани без целосна документација, без редовни теренски проверки, како и со задоцнети решенија и нецелосна службена евиденција. Овие пропусти, според ДЗР, ја намалуваат точноста при утврдување на фактичката состојба и ја нарушуваат правната сигурност, но и ефикасното трошење на јавните средства.
Како значаен проблем се наведува и недоволната интероперабилност на системот СПИЛ, поради што во одредени случаи корисници истовремено добивале социјална помош и пензија. Само по овој основ се утврдени 235 корисници со неосновано исплатени околу 236 илјади евра.
Проблеми се регистрирани и кај правото на социјална сигурност за стари лица, каде дел од корисниците не ги исполнувале возрасните услови, како и кај гарантираната минимална помош поради нецелосни податоци во системите.
Дополнително, ревизорите посочуваат дека центрите за социјална работа и Агенцијата за вработување недоволно ефикасно ги спроведуваат индивидуалните планови за активација на корисниците, што придонесува за долгорочна зависност од социјална помош.
ДЗР предупредува и на недоволно уреден систем за враќање на неосновано исплатените средства, без единствени правила за спогодби и без централизирана евиденција, поради што дел од побарувањата остануваат ненаплатени со години.
Како дополнителен ризик се наведува и несоодветното чување на документацијата во дел од центрите за социјална работа, каде архивите се чуваат во несоодветни услови, со што се зголемува опасноста од оштетување или губење на документи.
Ревизијата се однесува на периодот од 2022 година до јуни 2025 година и опфаќа повеќе видови социјални права, меѓу кои гарантирана минимална помош, надоместоци за попреченост, помош и нега од друго лице и социјална сигурност за стари лица.
Во заклучокот, ДЗР наведува дека системот за социјална заштита не е целосно усогласен со законската регулатива, при што постојат и слабости во подзаконските акти, недоречености во документацијата и ограничена примена на Националната програма за развој на социјалната заштита 2022–2032 година.


