Поранешниот градоначалник на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски, на 2 јули треба да се јави во Казнено-поправната установа „Скопје“ во Шуто Оризари за да започне со издржување на правосилната затворска казна од една година.
Од Основниот кривичен суд Скопје информираа дека судија за извршување на санкции издал упатен акт за осудениот С.Ј., со кој е задолжен да се пријави во затворот на наведениот датум.
„Судија за извршување на санкции од Кривичниот суд Скопје на осудениот С.Ј. му издаде упатен акт за издржување на едногодишната казна затвор и истиот е упатен да се јави во Затвор Скопје на 2 јули 2026 година“, се наведува во соопштението.
Пред неколку дена, по одлука на Апелациониот суд Скопје, Јакимовски беше правосилно осуден на една година затвор во предмет поврзан со изградбата на општинската зграда во Карпош.
Сепак, тој нема да ја издржува целата казна зад решетки, бидејќи во неа се засметува времето поминато во притвор. Според информациите, во казната се пресметани петте месеци притвор, па му остануваат уште околу седум месеци за издржување во затворската установа во Шуто Оризари.