МИЦКОСКИ ОТКРИВА Бугарија има скриен список од десетици нови барања
Премиерот тврди дека барањата не се нови и дека сè било договорено уште во 2022 година.

Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека не постојат нови барања од Бугарија во процесот за деблокада на евроинтеграциите на Македонија, нагласувајќи дека станува збор за исти услови што, според него, датираат уште од 2022 година. Тој посочи дека со години се чекало тие барања да станат јавно познати и да бидат разбрани од европската и светската јавност, како и од македонските граѓани.
Мицкоски останува оптимист во однос на евроинтегративниот процес и истакнува дека разговорите што ги имал со германскиот канцелар Фридрих Мерц и францускиот претседател Емануел Макрон се различни од ставовите изнесени по средбата на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова со бугарската потпретседателка Илијана Јотова во Софија.
Според него, уставните измени се само прв чекор, по кој следуваат дополнителни обврски поврзани со акциски план, работата на историската комисија и Протоколот 2. Тој тврди дека во пакетот постојат повеќе десетици барања кои Македонија би требало да ги исполни, што, како што вели, не претставува новина, туку продолжение на договореното од 2022 година.
Мицкоски нагласи дека историските и идентитетските прашања остануваат суштинска разлика меѓу двете страни, посочувајќи различни гледишта за личности и настани од историјата, како Гоце Делчев и Илинденското востание.
Тој ја обвини претходната влада дека ги прифатила овие услови, додавајќи дека сегашната власт се обидува да ги заштити националните интереси. Најави дека граѓаните на следните парламентарни избори ќе одлучуваат меѓу, како што рече, досегашните политики и новиот пристап на актуелната влада.


