КРАЈ НА УЧЕБНАТА ГОДИНА Илјадници ученици од денеска се слободни
Учебната 2025/2026 година завршува денеска за основците и средношколците.

За основците и средношколците денеска официјално завршува учебната 2025/2026 година, по што следува летниот распуст кој ќе трае до 31 август.
За повеќе од 14.500 матуранти наставата заврши уште на 15 мај. Утре, на 11 јуни, кандидатите за државна матура ќе го полагаат задолжителниот екстерен испит по мајчин јазик (македонски, албански, турски или српски), додека учениците кои полагаат државна стручна и државна уметничка матура ќе го полагаат испитот на 12 јуни. Изборниот екстерен предмет беше полаган на 6 јуни.
Според податоците, од вкупно 14.587 пријавени ученици, 12.184 ќе полагаат државна матура, 2.276 државна стручна матура, а 127 државна уметничка матура.
Во меѓувреме, полуматурантите се подготвуваат за упис во средно образование. Пријавувањето ќе се врши електронски преку порталот Uslugi.gov.mk со најава преку корисничките сметки на schools.mk, по што кандидатите ќе треба да ја достават потребната документација во избраните училишта.
Првото електронско пријавување ќе трае од 12 до 15 јуни, додека вториот уписен рок во јуни е закажан за 23 јуни. Во августовскиот рок ќе има едно пријавување на 20 август.
Според конкурсот на Министерството за образование и наука, во 109 јавни средни училишта низ државата се достапни повеќе од 25.000 слободни места. Над 17.000 од нив се во стручното образование, речиси 6.000 во гимназиското, а околу 570 места се предвидени за уметничките училишта.


