ЕДИНСТВЕНА МАКЕДОНИЈА СО ОСТРА РЕАКЦИЈА Провиден обид за политичка дискредитација на партијата за случајот Куклица
Реакцијата доаѓа по медиумски текстови за наплата во локалитетот Куклица, Кратово.

Единствена Македонија најостро реагира на обидите на одредени медиуми да воспостават тенденциозна и неточна поврзаност меѓу партијата и случајот поврзан со наплатата во локалитетот Куклица, Кратово.
Сметаме дека е целосно неточно и неосновано да се создава впечаток за партиска одговорност за прашања кои се во надлежност на институциите, кои треба да постапуваат согласно закон и да ја утврдат целосната фактичка состојба.
Јавноста е сведок на институционалните слабости на локално ниво во општина Кратово, поради што сметаме дека фокусот на јавноста и медиумското известување треба да биде насочен кон утврдување на сите релевантни факти, можни пропусти и одговорности во системот, а не кон политичко етикетирање.
Загрижува фактот што наместо објективно информирање за надлежностите на институциите и реалните околности на терен, се избира пристап кој создава политички контекст без целосна и проверена фактичка основа.
Дополнително, прашуваме зошто во вашите медиумски објави се игнорираат информации за проекти и активности поврзани со посочените лица, кои биле финансирани од Европската унија токму за локалитетот Куклица, додека истовремено се инсистира на насоки кои создаваат селективна и непотполна слика во јавноста.
Единствена Македонија останува на ставот дека ваквиот пристап е едностран и придонесува кон создавање погрешна перцепција кај јавноста. Очекуваме професионално, објективно и балансирано известување, засновано на проверени информации и целосен контекст.
Во спротивно, ваквите обиди за создавање тенденциозна поврзаност на партијата со случајот во Куклица ќе ги сметаме за политичко етикетирање без фактичка основа, со јасна намера за нарушување на угледот на партијата преку селективно и невистинито известување надвор од контекст на настанот.


