ЛАЈКА ФЕСТ ГО РАЗБУДИ СКОПЈЕ Дали конечно се решава проблемот со бездомните кучиња

Панел-дискусија во Собранието на Град Скопје отвори клучни прашања за системски пристап.

ЛАЈКА ФЕСТ ГО РАЗБУДИ СКОПЈЕ Дали конечно се решава проблемот со бездомните кучиња
Фото: ЈП Лајка

Во изминатите три дена, ЈП Лајка – Скопје го реализираше „Лајка Фест – Повеќе од настан“, иницијатива чија цел беше на едно место да ги обедини институциите, стручната јавност, организациите и граѓаните околу една тема што со години е присутна во нашето општество проблемот со бездомните кучиња и потребата од системски, хумани и долгорочни решенија.

Фестивалот започна со панел дискусија во Собранието на Град Скопје, каде претставници од Факултетот за ветеринарна медицина, Агенцијата за храна и ветеринарство, ЗЕЛС, невладини организации, прифатилишта од државата, како и гости и експерти од Загреб, Сараево и Шпанија, разговараа за реалната состојба со која се соочуваме, предизвиците во пракса и можните решенија базирани на европски искуства и модели.

Во текот на неколкучасовната дискусија се отворија важни теми поврзани со одговорноста на институциите, потребата од координирано делување, улогата на локалната самоуправа, важноста на стерилизацијата и одговорното сопствеништво, како и неопходноста од едукација и подигнување на јавната свест. Посебен акцент беше ставен и на фактот дека проблемот со бездомните кучиња не започнува на улица, туку најчесто со неодговорно сопствеништво, напуштање и неконтролирано размножување.

Како продолжение на оваа порака, наредните два дена Градски парк стана место за дружење, едукација, вдомување и позитивна интеракција помеѓу граѓаните и животните. Преку забавно-едукативниот дел од „Лајка Фест“, темата беше доближена до јавноста на поинаков, позитивен и интерактивен начин.

Во рамки на фестивалот учествуваа повеќе од 50 пријавени учесници во натпреварите и активностите, голем број посетители, повеќе од 20 спонзори и партнери, како и претставници на невладини организации кои ја поддржаа иницијативата.

Посетителите имаа можност да ги запознаат кучињата од ЈП Лајка, да разговараат со вработените, ветеринарите и дресерите, да учествуваат во едукативни и интерактивни содржини за деца и возрасни, како и да бидат дел од изложбите, игрите и активностите посветени на вдомените миленици и одговорното сопствеништво.

Особено значајно беше присуството на голем број семејства, деца и сопственици на миленици, што уште еднаш покажа дека сè поголем број граѓани сакаат активно да бидат дел од создавање похумано и поодговорно општество.

„Лајка Фест“ не беше само настан за љубители на животни, туку обид да се покаже дека преку соработка, едукација, заедништво и современ пристап може да се отвори поинаков разговор за проблемот со бездомните кучиња – разговор во кој решението не се бара во насилство и поделби, туку во одговорност, систем и долгорочна промена.

ЈП Лајка упатува благодарност до сите институции, организации, експерти, спонзори, волонтери, посетители и граѓани кои беа дел од „Лајка Фест“ и помогнаа овие три дена да испратат порака дека промените се можни кога постои заедничка волја за подобро и похумано општество.

ДИРЕКТОРОТ НА ЛАЈКА НАЈАВУВА За две години ќе го заборавиме проблемот со уличните кучиња

CATEGORIES
Share This