ЌЕ ИЗГЛЕДА КАКО ВЧЕРА ДА Е ИЗГРАДЕН За само два месеци Охрид добива целосно нов аеродром

Проширувањето на терминалната зграда и новите капацитети треба да овозможат поголем број патници и отворање на нови авиолинии.

ЌЕ ИЗГЛЕДА КАКО ВЧЕРА ДА Е ИЗГРАДЕН За само два месеци Охрид добива целосно нов аеродром
Фото: Национал

Реконструкцијата и проширувањето на аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид влегува во завршна фаза, а според најавите, за околу два месеци патниците ќе добијат целосно модернизиран аеродромски комплекс.

Ова го истакна заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски, кој заедно со директорот на ТАВ Македонија, Неџат Курт, изврши увид во тековните градежни работи.

Според Николоски, станува збор за прва сеопфатна модернизација на охридскиот аеродром од неговото постоење, со која значително ќе се зголемат капацитетите за прием на патници и ќе се создадат услови за отворање нови авиолинии.

„Ова е проект што одамна му беше потребен на аеродромот. За два месеци ќе имаме современ објект кој ќе изгледа како штотуку да е изграден. Се проширува терминалната зграда, како и зоните за пристигнување и заминување на патници, што ќе придонесе за дополнителен економски развој на регионот“, изјави Николоски.

Тој посочи дека модернизацијата на аеродромот се надоврзува на изградбата на автопатот Охрид – Кичево, нагласувајќи дека делницата што води до аеродромот е веќе завршена, а наскоро се очекува пуштање во употреба и на нови делови од трасата.

„Со овие инфраструктурни инвестиции се создаваат услови за целосна преродба на регионот“, рече Николоски.

Тој упати благодарност до изведувачите за реализацијата на проектот на охридскиот аеродром, но и за реконструкцијата на поранешната Воена болница во Скопје, за која оцени дека денес претставува една од најмодерните здравствени установи во регионот.

CATEGORIES
Share This