БОГАТАТА ГЕРМАНИЈА ВО КРИЗА 13 милиони граѓани на работ на сиромаштија
И покрај силната економија, сиромаштијата останува растечки проблем.

Германија бележи највисоки нивоа на сиромаштија во последните години, покажуваат најновите податоци од германските социјални организации и Федералниот завод за статистика. Според извештајот на Германското здружение за социјална еднаквост, околу 13,3 милиони граѓани, односно 16,1 отсто од населението, живеат во сиромаштија или се изложени на ризик од сиромаштија.
И покрај тоа што земјата останува една од економски најсилните во Европа, бројките покажуваат континуиран раст на сиромаштијата. Во однос на претходната година, стапката е зголемена за 0,6 процентни поени и е највисока од 2020 година досега.
Најранливи категории се самохраните родители, лицата кои живеат сами и повозрасните граѓани. Кај населението над 65 години, речиси секој петти е во ризик од сиромаштија. Особено висок е уделот кај самците, каде што над 30 отсто се погодени, како и кај самохраните родители со речиси 29 отсто.
Според европските критериуми, во категоријата сиромашни спаѓаат лицата со приходи под 60 отсто од националниот медијален доход. Во Германија тоа значи дека самец со месечен нето приход под 1.446 евра се смета за лице во ризик од сиромаштија.
Разликите меѓу германските покраини се значајни. Најниски стапки се забележани во Баварија и Баден-Виртемберг, каде економската стабилност и високата вработеност придонесуваат за подобра социјална состојба. Најтешка е ситуацијата во Бремен, каде повеќе од една четвртина од населението живее во сиромаштија, а високи нивоа се евидентирани и во Берлин, Хамбург и Саксонија-Анхалт.
Социјалните организации предупредуваат дека сè поголем број домаќинства се борат да ги покријат основните трошоци за живот. Зголемените цени на струја, греење и домување дополнително го оптоваруваат буџетот, при што дел од семејствата имаат потешкотии и со набавка на основни производи.
Тие апелираат до германската влада да не ги намалува социјалните бенефиции, предупредувајќи дека евентуални кратења би можеле дополнително да ја влошат состојбата. Според нив, борбата против сиромаштијата треба да биде еден од главните приоритети на државата.
Иако Германија останува економски моќна земја, податоците укажуваат дека милиони граѓани сè потешко се справуваат со растечките трошоци на живот, а сиромаштијата останува сериозен социјален предизвик.


