МИЦКОСКИ ОТКРИ НОВА БЛОКАДА Проблемот не е документот, туку тоа што е напишан на македонски
Премиерот тврди дека Акцискиот план за малцинства е усогласен со 26 земји-членки на ЕУ и Европската комисија, но една држава и понатаму има забелешки.

Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека Акцискиот план за малцинства е целосно подготвен, усогласен со експерт назначен од Европската комисија и неофицијално добил поддршка од 26 земји-членки на Европската Унија, додека една држава сè уште има забелешки.
Одговарајќи на новинарски прашања по посетата на Институтот за јавно здравје во Скопје, Мицкоски рече дека не располага со конкретни информации за барањата на земјата која се противи на документот.
„Акцискиот план за малцинства е готов и усогласен со експерт за човекови права добиен од Европската комисија. Имаше две јавни расправи, што ретко се случува во вакви процеси. Неофицијално можам да кажам дека документот е усогласен со 26 земји-членки на ЕУ, освен со една. Истата таа земја е против и нашето учество во иницијативата ‘Три мориња’. Тоа е реалноста“, изјави Мицкоски.
Предлог-акцискиот план за заштита и унапредување на правата на припадниците на заедниците е изработен на македонски и англиски јазик од домашни и меѓународни експерти, во соработка со Советот на Европа и Европската комисија. Документот содржи конкретни мерки, рокови и надлежности и, според Владата, е целосно усогласен со европските стандарди.
И покрај тоа, документот од јануари годинава е предмет на критики од страна на Бугарија. Мицкоски потсети дека уште тогаш предупредувал дека, без оглед на неговиот квалитет, Акцискиот план може да биде блокиран од Софија.
„Жалам што повторно беше пропуштена можноста да се покаже добрососедство. Ниту една друга земја-членка нема забелешки, ниту пак малцинствата во Македонија, кои учествуваа во јавната дебата. Проблем било тоа што документот бил на македонски јазик“, рече премиерот.
На средбата со хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ кон крајот на мај, Мицкоски истакна дека Владата е подготвена да го усвои Акцискиот план веднаш штом добие сигнал од Брисел.
„Наш приоритет остануваат реформите што ни се потребни пред сè нам. Подготвени сме да го испорачаме и Акцискиот план за малцинства, кој го подготвувавме заедно со Брисел и експерти препорачани од Европската комисија. Документот е готов и чека зелено светло за да биде разгледан на владина седница“, изјави тој.
Во меѓувреме, бугарскиот претседател Румен Радев, говорејќи пред Самитот ЕУ – Западен Балкан во Тиват, порача дека Софија го поддржува проширувањето на Европската Унија, но само врз основа на реални заслуги и спроведени реформи.
„Не треба да ги внесуваме наследените политички и историски спорови во Европската Унија. Ќе продолжиме цврсто да ја браниме таа позиција“, изјави Радев.
Тој нагласи дека процесот на пристапување подразбира напредок во владеењето на правото, правосудството, човековите права и добрососедските односи.


