ПРЕСВРТ ВО БУДИМПЕШТА Маѓар го смени тонот и најави санкции против Русија

Унгарскиот премиер Петер Маѓар порача дека Будимпешта ќе ги поддржи санкциите против Русија доколку за нив постои едногласна согласност меѓу сите членки на Европската Унија.

ПРЕСВРТ ВО БУДИМПЕШТА Маѓар го смени тонот и најави санкции против Русија
Фото: Принтскрин

Унгарската влада ќе ги поддржи санкциите против Русија доколку сите земји-членки на Европската Унија постигнат согласност, изјави унгарскиот премиер Петер Маѓар во интервју за германскиот магазин „Шпигел“.

„Доколку има едногласност во Европската Унија, тогаш секако дека ќе ги поддржиме санкциите“, изјави Маѓар.

Неговата порака се толкува како можен сигнал за промена на досегашната политика на Будимпешта кон Москва. Во изминатите години Унгарија повеќепати ги блокираше или одложуваше европските одлуки поврзани со нови санкции против Русија.

Осврнувајќи се на војната во Украина, Маѓар истакна дека Унгарија сака да одржува добри односи со сите свои соседи, но нагласи дека земјата нема намера да испраќа оружје или војници.

„Нема да даваме воена помош, но ако постои единство во Европската Унија околу санкциите против Русија, ние ќе ги поддржиме“, рече тој.

Од почетокот на руската инвазија врз Украина, Европската Унија усвои 20 пакети санкции против Русија. Мерките опфаќаат ограничувања во финансискиот, енергетскиот, воениот и трговскиот сектор, како и санкции против руски функционери, компании и институции.

Високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Каја Калас, во април најави дека веќе се подготвува и 21-от пакет санкции.

Под водство на Виктор Орбан, Унгарија често имаше поинаков пристап од повеќето европски партнери кога станува збор за односите со Москва и поддршката за Киев. Будимпешта повеќепати ја блокираше или одложуваше финансиската помош за Украина и го користеше правото на вето во процесот на усвојување одредени санкции против Русија.

CATEGORIES
TAGS
Share This