45 ГОДИНИ ОД СМРТТА НА ТИТО Време кога имаше за сите, спомените за Тито не избледуваат

Иако денес живееме во различни држави, политички системи и реалности, четврти мај останува ден на тивко размислување за едно време кое за многумина претставува стабилност, социјална еднаквост и достоинствен живот.

45 ГОДИНИ ОД СМРТТА НА ТИТО Време кога имаше за сите, спомените за Тито не избледуваат

Точно во 15:05 часот на 4 мај 1980 година, Југославија го изгуби својот доживотен претседател, маршал Јосип Броз Тито. За многумина, тоа не беше само крај на еден живот – туку почеток на крајот на една држава.

Пред 45 години, на ден како денешниот, просторот на поранешна Југославија беше обвиен во тага и тишина. Смртта на Јосип Броз Тито беше објавена на националната телевизија и радио точно во 15:05 часот, во моментот кога застана речиси целиот јавен живот. Фудбалски натпревар меѓу Хајдук и Црвена Ѕвезда беше прекинат, а навивачите и фудбалерите заедно ја запеаја песната „Друже Тито ми ти се кунемо“.

Од Скопје до Љубљана, од Сараево до Белград – илјадници граѓани спонтано излегоа на улиците. Луѓето плачеа, се прегрнуваа, запираа возила и се приклучуваа на тивка поворка што некои ја нарекоа „најмасовната јавна тишина“.

Јосип Броз Тито не беше само политички лидер, тој беше симбол на една специфична идеја за заедништво, самоуправување и независност. Роден во 1892 година, тој станува централна фигура во отпорот против фашизмот за време на Втората светска војна, а потоа и во изградбата на новата, федеративна Југославија.

Во 1948 година, Тито донесе историска одлука – ја одби Резолуцијата на Информбирото и со тоа му се спротивстави на Сталин. Југославија излезе од советската орбита и тргна по независен, неврзан пат. Тито ја претвори државата во активен член и лидер на Движењето на неврзаните, здружение на земји кои не припаѓаа ниту на Источниот, ниту на Западниот блок во Студената војна.

Јосип Броз Тито, маршал, врховен командант на вооружените сили и лидер на Сојузот на комунистите на Југославија, речиси 35 години беше симболот на единството и стабилноста во земјата. Смртта на Тито не беше само крај на една политичка ера, туку и почеток на долгиот процес на дезинтеграција на Југославија.

По неговата смрт, СФРЈ сè уште изгледаше силна, но всушност, без Тито, пукнатините станаа видливи. Национализмот, економските кризи и политичката нестабилност доведоа до крвавиот распад на федерацијата во 1990-тите.

Денес, многумина од поранешните југословенски простори со носталгија зборуваат за тие времиња.

„Сите имавме работа, сите деца одеа на екскурзии, на летување, немаше поделби. Имавме здравство, школство и достоинство“, велат граѓани кои го паметат тој период.

Во годините по 1980, во четврток точно во 15:05 часот, низ Југославија се слушаа сирени како потсетник на времето на Титовата смрт. Тоа беше симболичен чин на колективно сеќавање.

Иако денес живееме во различни држави, политички системи и реалности, четврти мај останува ден на тивко размислување за едно време кое за многумина претставува стабилност, социјална еднаквост и достоинствен живот.

CATEGORIES
TAGS
Share This