ВРАБОТЕНИТЕ ВО КОЦКАРНИЦИТЕ СО ЖЕСТОКА ПОРАКА – Сакаме да работиме
Според нив, секторот за игри на среќа е еден од најголемите приватни работодавачи во земјата.

Здружението на вработени во секторот игри на среќа „Сакам да работам“ реагира на предложените измени на Законот за игри на среќа, обвинувајќи ја извршната власт дека не ги вклучува засегнатите страни во процесот на консултации.
Од здружението посочуваат дека, за разлика од Предлог-законот за заштита од пушење, кој, како што велат, бил предмет на широки консултации со еснафски здруженија и претставници од тутунската индустрија, во случајот со законските измени за игри на среќа не се применува ист пристап.
Според нив, станува збор за економски сектор кој е еден од најголемите приватни работодавачи во земјата, а сепак, како што тврдат, вработените не биле консултирани ниту повикани да дадат предлози за подобрување на регулативата.
„Осум години сме заложници на различни политички структури кои си поигруваат со нашите судбини кога им е потребно да добијат политички поени. Живееме во неизвесност, со страв за работните места, кредити и иднината на нашите семејства“, наведуваат од здружението.
Тие додаваат дека дел од вработените се соочуваат со сериозни егзистенцијални проблеми, вклучително и можност за иселување од државата.
Од „Сакам да работам“ реагираат и на, како што велат, селективниот пристап на институциите, прашувајќи зошто нивниот сектор се игнорира, додека други групи добиваат побрз институционален одговор.
„Ние не сме гости во сопствената држава“, порачуваат од здружението, додавајќи дека повеќе од 10.000 вработени во индустријата се чувствуваат игнорирани.
Тие предупредуваат дека евентуално затворање на легалните објекти за игри на среќа би можело да доведе до губење на работни места и прелевање на активноста во нелегалната сфера.
„Подготвени сме со сите демократски средства да го заштитиме правото на работа. Од надлежните бараме одговор каде ќе се вработат луѓето со долгогодишно искуство и професионални обуки“, наведуваат од здружението.


