ЕВРОПА ЈАСНА КОН МАКЕДОНИЈА Без ова, нема преговори
ЕУ порака од Скопје дека интеграцијата е можна само со продолжување на реформите и дијалог со соседите.

Проширувањето на Европската Унија останува заедничка цел, а иднината на Северна Македонија цврсто се наоѓа во ЕУ, порача претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, на заедничката прес-конференција во Владата со премиерот Христијан Мицкоски.
Кошта ја поздрави посветеноста на Владата и истакна дека се забележува напредок во спроведувањето на реформската агенда.
„Особено би сакал да го истакнам неодамнешниот опиплив напредок во спроведувањето на реформската агенда, вклучително и патоказите за владеење на правото и реформата на јавната администрација. Тоа е значајно за пристапниот процес, но и за користење на Планот за раст и самото пристапување“ рече Кошта.
Тој додаде дека целосното усогласување со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ испраќа силен сигнал за стратешката ориентација на земјата и за заедничките вредности.
Сепак, Кошта нагласи дека усвојувањето на договорените уставни измени останува клучен услов за формален почеток на пристапните преговори.
„Тоа е единствениот начин да се отклучат целосните придобивки од членството за граѓаните на Северна Македонија. Напредокот во европската интеграција бара конструктивен дијалог со соседите и практични чекори за градење доверба“ – истакна тој.
Кошта е во посета на Западен Балкан, во рамки на подготовките за самитот ЕУ -Западен Балкан во Тиват, Црна Гора, каде ќе се разговара за проширувањето, регионалната соработка, безбедноста и постепената интеграција на регионот во Унијата.
